
За неколку недели САД ќе одговорат на непријателските акции на Русија поврзани со кибернападите и ситуацијата со прогонот на опозицискиот лидер Алексеј Навални, соопшти денеска портпаролот на Белата куќа Џен Псаки.
За тоа дека се подготвуваат нови санкции поради руските злонамерни кибер активности и труењето на опозиционерот Навални, денеска објави и Вашингтон пост.
Руските власти, наведува весникот, со години „користат средства во киберпространството за вршење низа дејства непријателски за интересите на САД и нивните сојузници. Се цитираат извори кои наведуваат дека САД ќе побараат од Москва да одговара за „користење забрането хемиско оружје“ против Навални.
За масивните хакерски напади и упади во системите на повеќе државни агенции и министерства денеска се одржува и распит во Конгресот.
Пред сенатскиот Одбор за разузнавање на сослушување се раководителите на софтверската компанија „Соларвиндс“, технолошкиот гигант Мајкрософт и фирмите за кибербезбедност „Фајрај“ и „Краудстрајк“.
Во своите настапи тие имаат намера да ги повикаат законодавците да ја зголемат транспарентноста во областа на борбата со кибер шпионажата.