Американската амбасада во Босна и Херцеговина во петокот повторно го критикуваше претседателот на HDZ BiH, Драган Човиќ за неговото инсистирање целосно нова компанија да работи на реализација на проектот за поврзување на гасоводната мрежа на неговата земја и Хрватска, но и за неговите предлози за измени на изборниот закон на БиХ.
Човиќ веќе беше критикуван од американската администрација откако почна да инсистира на ткн Јужните интерконекции, односно поврзувањето на гасоводната мрежа на БиХ и Хрватска преку Херцеговина до Загвозд да се реализираа преку формирање нова компанија чие седиште би било во Мостар.
Лидерот на HDZ BiH рече дека за него е неприфатливо проектот да се реализира, а со новиот крак на гасоводот стопанисува компанијата „BH Gas“ чие седиште е во Сараево, бидејќи нема вработени Хрвати во неа, а тврди и дека е оптоварена со бројни незаконитости во бизнисот кои допрва треба да се истражат.
Ставот на САД е дека барањата на Човиќ не се ниту основани, ниту рационални, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно изрази критики кон него во специјално писмо испратено на адресите на министрите за надворешни работи на Хрватска и на Босна и Херцеговина.
Директно беше критикуван и од помошникот на Блинкен, Џејмс О’Брајан, при неговиот минатонеделно престојување во Сараево, но Човиќ не се откажа од аргументите.
„Јужната интерконекција е стратешки интерес на Босна и Херцеговина, но и на хрватскиот народ“, рече Човиќ како одговор на критиките на О’Брајан, додавајќи дека треба да се формира нова компанија за дистрибуција на гас со седиште во Мостар, бидејќи има и две компании за електрична енергија, две телекомуникациски компании и две пошти.
За ова во петокот повторно беше критикуван од американската амбасада.
„Федерацијата БиХ има една компанија за транспорт на гас – BH Gas, како што Хрватска има само една компанија за транспорт на гас. Предлогот на Човиќ да се формира нова компанија за пренос, која во моментов не постои, нема вработени, нема искуство, нема можност да обезбеди стабилно финансирање, не е одржливо и ќе го закопа овој проект“, се вели во одговорот објавен од телевизијата N1.
Во американската амбасада се согласуваат дека „BH Gas“ треба да се реструктуира, па предлагаат да се формира регионална канцеларија на таа компанија во Мостар, која би можела да управува со проектот за приклучување на гасоводната мрежа на Хрватска и повикаа Човиќ „веднаш да престане да го блокира“ усвојувањето на законот за Јужната интерконекција, каков што е усвоен во Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина во декември 2021 година.
Човиќ доби дополнителни критики и поради неговото постојано инсистирање веднаш да се усвојат амандманите на изборниот закон на БиХ со цел да се воспостави нов модел на избор на член на Претседателството на БиХ од редовите на Хрватите.
По состанокот со лидерите на партиите кои ја сочинуваат владејачката коалиција во Босна и Херцеговина во четвртокот, тој рече дека HDZ BiH инсистира тоа да биде дел од пакетот за изборни реформи, за кој ќе треба да се договори до крајот на следната седмица.
Претходно тој презентираше предлог според кој за хрватскиот член на Претседателството на БиХ ќе се одлучува на изборите врз основа на гласовите од оние жупании во Федерацијата БиХ каде Хрватите сочинуваат апсолутно или релативно мнозинство од населението. Амбасадата на САД одговори со порака дека ваквите предлози претходно биле отфрлени и дека е неопходно да се промени изборниот систем на БиХ преку измени на уставот и со тоа истовремено да се применат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
„Предлогот на ХДЗ БиХ за создавање постојана втора листа за избор на член на Претседателството, поврзана со одредена етно-територијална изборна граница во рамките на Федерацијата, нема да биде во согласност со пресудите на ЕСЧП“, се наведува во реакцијата на амбасадата.