САД повторно во ОН ќе бараат санкции за Иран

Соедитените држави ќе се обратат до Обединетите нации со цел повторно да воведат санкции за Иран следната седмица, а Вашингтон ќе стори сѐ што е потребно за тие санкции да бидат спроведени, изјави американскиот државен секретар Мајкл Помпео.

„САД ќе го сторат тоа што го прават секогаш. Ќе преземат свој дел од одговорноста … Ние повторно ќе се обратиме до ОН за да се воведат санкции, така што трајното ембарго за оружје да стапи на сила следната недела“, изјави Помпео на заедничката прес-конференција во Вашингтон со британскиот колега Доминик Рааб.

Помпео ја активираше постапката на 20-ти август, која треба да се спроведе еден месец подоцна, односно викендов, за воведување меѓународни санкции за Техеран. Тие санкции беа укинати во 2015 година, кога Иран склучи меѓународен договор со шест светски сили и се обврза да се откаже од својата програма за развој на нуклеарно оружје во замена за укинување на децениските санкции.