Поранешен американски дипломат е осуден во петокот на 15 години затвор, откако признал дека дејствувал како агент на Куба во случај кој американското Министерство за правосудство го нарече едно од најдалекусежните и најдолготрајните инфилтрирања во високите нивоа на американските власти.
Виктор Мануел Роча, американски амбасадор во Боливија од 2002 до 2002 година, работел за Стејт департментот од 1981 до 2002 година, вклучително и како член на влијателниот Совет за национална безбедност на Белата куќа од 1994 до 1995 година, според судските документи.
Ја признал вината по две обвиненија, вклучително и дејствување во својство на незаконски странски агент. Обвинет беше во декември 2023 година.,
Сега 73-годишниот Роча тајно ја поддржувал владејачката Комунистичка партија на Куба и ја помагал во собирањето разузнавачки податоци против САД повеќе од четири децении вклучително и во текот на 20-годишната кариера во Стејт департментот, според американските обвинители. Според нив, Роча барал позиции коишто би му овозможувале пристап до чувствителни информации и влијание на американската надворешна политика.
„Со денешното признание на вината завршени се повеќе од четирите децении предавство и измама на господинот Роча. Поголемиот дел од својот живот господин Роча го живеел во лага“, изјави Дејвид Њумен, виш функционер за национална безбедност во американското Министерство за правосудство, во текот на прес-конференција во петокот во Мајами.
Роча признал дека со децении работел за Куба и се пофалил со својата способност да избегне да биде откриен, без да се сомнева дека тоа го зборува на низа состаноци во 2022 и 2023 година со таен агент на Федералното биро за истраги (FBI) кој се претставил како припадник на надворешната разузнавачка служба на Куба, според кривичната пријава поднесена пред сојузниот суд во Мајами.
„Она што го сторивме… е огромно. Поголемо е од гренслем“, му рекол Роча на тајниот агент, се наведува меѓу другото во обвинението.
Роча се согласил да ја признае вината во рамките на договорот со сојузните обвинители кој од него бара да ги открие поединостите од својата соработка со кубанската разузнавачка служба. Меѓутоа, американски функционери изјавија дека можеби никогаш нема да го дознаат целосниот обем на соработката на Роча со Хавана.