САД: Саудискиот принц има имунитет од обвинувањата за убиството на новинарот Кашоги

Американската администрација утврдила дека престолонаследниот принц на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, има законски имунитет од обвинението подигнато против него поради убиството на саудискиот новинар дисидент кој живееше во САД, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул кон крајот на 2018 година.

Американското Министерство за правосудство во документот поднесен пред окружниот суд во дистриктот Колумбија напишало дека доктрината на имунитетот за челник на држава е втемелен во обичајното меѓународно право, па така обвинетиот Мохамед бин Салман како челник на странска држава ужива имунитет од надлежноста на американските судови.

Новинарот Џамал Кашоги, кој потекнува од влијателно саудиско семејство, ја напушти татковината по серијата критички написи откако бин Салман застана на премиерската позиција во Саудиска Арабија. Кашоги на 2-ри октомври 2018-та, според турската и американската истрага, бил убиен и распарчен од агентите на саудиските тајни служби во конзулатот во Истанбул.

По егзилот во САД, Кашоги во колумните за The Washington Post продолжи со критиките на политиките на престолонаследникот, а во Истанбул отпатувал за да извади документи за венчавка со турска државјанка Хатиџе Ченгиз.

Ченгиз на Twitter денеска го осуди изјаснувањето на американското министерство за правосудство наведувајќи „Џамал денеска повторни умре“. „Мислевме дека можеби би можело да излезе на светлината на правдата во САД, но повторно парите беа на првото место“, додаде.

Американското разузнавање поднесе повеќе извештаи во кои беше наведено верувањето дека убиството на Кашоги го наложил принцот бин Салман. Принцот ги отфрли таквите наводи, но подоцна изјави дека ја презема одговорноста, бидејќи тоа се „случило под негов надзор над власта“.

Актуелниот американски претседател Џо Бајдне во јули во текот на посетата на Ријад на принцот бин Салман му порача дека го смета за одговорен за убиството на Кашоги.

Властите во Ријад го признаа инцидентот дури по големиот меѓународен притисок. Саудиска Арабија во 2019 година покрена судски процес по предметот, во кој осум лица добија долгогодишни затворски казни. Целиот процес беше отворено критикуван од јавноста поради тајноста на постапката.