Белата куќа ги предупреди кинеските бродски компании да не ги исклучуваат транспордерите за да ги сокријат испораките на иранската нафта со што се кршат санкциите на САД, откриле два функционера на американската администрација.
„На бродските компании постојано им испраќаме пораки да не го прават тоа и дека тое не е вредно. Тоа е извонредно опасно и неодговорно однесување“, рекол еден функционер кој за Reuters зборувал во услови на анонимност.
Кина е најголемиот преостанат купувач на иранската нафта, откако САД воведоа санкции кои се однесуваат на главниот извозен производ на Иран. Претседателот Доналд Трамп во мај ги заостри санкциите во обидот целосно да се запре иранското продавање на нафтата. Целта на санкциите, според Вашингтон, е запирање на иранските нуклеарни и балистички амбиции и влијанието на Техеран во земјите на Блискиот исток, како Сирија, Ирак, Јемен и Либан. Иранскиот извоз на нафтата падна од околу 2,5 милиони на помалку од 400.000 барели дневно.
САД на 25-ти септември воведоа санкции против пет кинески поединци и две филијали на кинеската корпорација „COSCO Shipping“, тврдејќи дека ги прекршиле санкциите со превоз на иранска нафта. Неколку дена подоцна, 14 бродови „COSCO Shipping“, што одговара на третина од нивната севкупна флотила, престанаа да ги испраќаат своите локации преку автоматскиот систем за идентификација (AIS), меѓу 30-ти септември и 7-ми октомври, покажуваат податоците на платформата Reinitiv Eikon. Американската влада во вторникот независно тврди дека „COSCO“ ги гаси транспордерите на своите бродови.
Меѓународната поморска организација од пловилата бара да ги користат транспордерите поради безбедност и транспарентност. Екипажите може да ги исклучат уредите AIS во случај на опасност од пиратство или слични закани. Меѓутоа, тие често се гасат за да се сокрие илегална активност на бродовите.
Засега не е познато што САД може да сторат да ги принудат танкерите да престанат да ги исклучуваат транспордерите. Вашингтон ги предупреди енергетските и шпедитерските компании, како и службениците во пристаништата, да биде претпазливи по прашањето на трговија со иранска нафта, заканувајќи им се со санкции.
Американските власти веруваат дека санкциите може да предизвикаат економска депресија во Иран, тврди друг функционер. Меѓутоа, оваа земја има долги години искуство на функционирање во такви услови. Некои аналитичари веруваат дека Техеран се обидува да ги преживее екононските проблеми до ноември 2020 година, кога ќе се одржат американските претседателски избори, надевајќи се дека Трамп ќе загуби на нив и дека следниот американски претседател ќе заземе поблаг пристап кон Иран.
„Доколку сметаат на новиот претседател и се покаже дека погрешно пресметале, тоа е лошо. Затоа што верувам дека никој не мисли дека по ноември би можеле да преживеат уште четири години под ваков режим на санкции“, рекол друг функционер за Reuters.
Соговорникот на агенцијата истакнал и дека администрацијата на Трамп ги следи илегалните испораки на нафта, иако не може да ги запре. „Во овој момент буквално следиме брод по брод, бидејќи секој од нив е многу важан“ за иранската економија, предицизрал.