САД ќе се повлечат од Парискиот договор за климата, освен ако не добијат поповолни услов, иако европските дипломати беа уверени дека гледаат промена на ставовите на официјален Вашингтон, објави Белата куќа.
„Нема никакви промени во ставовите на САД кога станува збор за Парискиот договор за климата“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.
„Како што американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати кажа, Соединетите држави се повлекуваат, освен доколку нашата земја не добие поповолни услови“, додаде Сандерс.
На почетокот од август годинава американскиот Стејт департмент официјално ги извести Обединетите нации дека САД ќе се повлечат од Парискиот климатски договор, но ја оствари отворена можноста повторно да му се придружи доколку се подобрат условите за Соединетите држави.
Стејт департментот соопшти тогаш дека САД ќе продолжат да учествуваат на состаноците на ОН за климатските промени во текот на периодот на истапувањето од договорот, коешто би требало да трае најмалку три години. Најраниот датум за целосното истапување на САД од Парискиот климатски договор е 4-ти ноември 2019 година, една година пред следните американски претседателски избори.
„САД го поддржуваат урамнотежениот пристап кон климатската политика која ги намалува емисиите (на штетните гасови) промовирајќи го истовремено и економскиот раст и осигурувајќи ја енергетската сигурност“, се наведува во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја објави одлуката за повлекувањето од Парискиот климатски договор во јуни, велејќи дека овој договор би ги чинел САД илјадници милијарди долари, би ја намалил вработеноста и би ѝ наштетил на индустриите на нафтата, гасот, јагленот, како и на преработувачката индустрија.
Трамп, меѓутоа, рече дека е отворен за нови преговори за климатскиот договор, за кој речиси 200 земји и региони преговараа со години, предизвикувајќи осуда од меѓународната и деловната заедница коишто порачаа дека тоа неа да биде можно.
Трамп за Парискиот договор разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон во јули во текот на неговата посета на Париз, а тогаш за медиумите изјави: „Нешто би можело да се случи кога станува збор за Парискиот договор, ќе видиме што“.
„Како што кажа претседателот во својата изјава од 1 јуни и потоа, тој е отворен за враќање во Парискиот договор доколку САД би можеле да ги идентификуваат условите кои се поволни за нив, за нивните работници, народот и даночните обврзници“, беше наведено во соопштението на Стејт департментот за формалната нотификација за истапувањето од Парискиот договор.
Многу личности од меѓународната заедница оценија дека тоа претставува удар за меѓународните напори за ублажување на последиците од климатските промени и е испуштена можност за економскиот раст во индустријата на чиста енергија.
САД во времето на Барак Обама во рамките на Парискиот договор ветија дека до 2025 година ќе ги намалат емисиите на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина за 28 отсто во однос на 2005 година.
Врз основа на членот 28 од Парискиот договор, негов учесник може да се повлече во кој и да е момент по истекот на три години од денот на стапување на сила на овој документ, а договорот стапи на сила за САД на 4-ти ноември 2016 година. Со тоа САД би престанале да бидат потписник на договорот до 2019 година.
Парискиот договор беше усвоен на 12 декември 2015 година во текот на 21-та Конференција за Рамковната конвенција за климатските промени во Париз, кога 195 учесници на форумот постигнаа согласност да не се дозволи зголемување на просечната температура на планетата до 2100 година за повеќе од 2 Целзиусови степени во споредба со нивото од пред-индустрискиот период.
Научниците веруваат дека позначителниот раст на температурата може да доведе до неповратни последици за животната средина. Договорот од Париз треба да го замени Протоколот од Кјото, чијашто важност истекува во 2020 година.
На 4 ноември 2016 година договорот стапи на сила за сите страни коишто го потпишаа. До 4 август годинава документот е ратификуван во 158 земји, меѓу кои и Кина и САД. Овие две земји предизвикуваат заедно 38 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, главната причина за зголемувањето на температурата во атмосферата.