САД со анализа на ДНК на децата ќе ги спојуваат раздвоените семејства

Американските власти наредиле анализа на ДНК на околу три илјади деца имигранти за да се спојат со нивните семејства раздвоени на американско-мексиканската граница, објави BBC.

Американскиот министер за здравство Алекс Азар изјавил дека ваквите тестови се неопходни за да се исполни законскиот рок за спојување на семејствата, имајќи предвид дека вообичаените методи се пребавни. Азар, чиешто министерство го води надзорот над мигрантските центри, вели дека околу стотина деца се помлади од пет години.

Меѓутоа, активистите стравуваат дека вака собраните податоци владата би можела да ги искористи за други цели и велат дека децата се премали за да се согласат за анализа на ДНК:

Министерството за здравство е обврзано со одлука на судот децата на четири и помалку години да ги спои со нивните семејства до 10-ти јули, а оние од 5 до 17 години до 26-ти јули. Азар рече дека традиционалниот метод на спојување, изводите од матичните книги на родените би одземало премногу време.

Според него, од 11.800 малолетни деца во евиденцијата на министерството помалку од 3.000 се раздвоени од родителите. Додаде дека некои можеби се раздвоени и претходно или по влегувањето на територијата на САД.

Џенифер Фалкон од здружението Raices на Twitter објави дека оваа одлука претставува „нов доказ дека владата не знае како да ги спои семејствата“ раздвоени откако илегално ја минале американската граница поради политиката на нулта толеранција на претседателот Доналд Трамп.

Во текот на минатиот викенд и во средата на националниот празник Ден на независноста, либералните активисти излегоа на протести против одлуката на Трамп да се раздвојат семејствата, Имигрантка од Конго беше уапсена додека се обидувала да се качи на њујоршката Статуа на слободата и е обвинета за неколку прекршоци.