САД стојат зад украинскиот напад со дронови врз Кремљ, рече Песков

Соединетите држави стојат зад украинскиот напад со дронови врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во московски Кремљ, изјави за новинарите во четвртокот портпаролот Дмитриј Песков.

„Обидите да се негира тоа и во Киев и во Вашингтон, се разбира, се апсолутно смешни. Ние многу добро знаеме дека одлуките за таквите акции и таквите терористички напади не се носат во Киев, туку во Вашингтон. А Киев го исполнува она што му кажуваат да го стори“, рече Песков на редовниот дневен брифинг со акредитираните новинари во Кремљ.

Портпаролот на рускиот претседател додаде дека Москва знае дека најчесто самите цели не ги одредува Киев, туку Вашингтон. Потоа САД на украинските служби им го посочува објектот за напад, барајќи од украинските вооружени сили да ја извршат задачата, вели Песков. Притоа истакна дека во Вашингтон ја носат и одлуката со кои средства ќе биде изведен нападот.

Според Песков, руските разузнавачки служби добиле информации за учеството на САД во нападот врз Кремљ, но тие сѐ уште не се обелоденуваат.

„Во Вашингтон мора јасно да сфатат дека Москва знае за тоа. И да сфатат колку опасно е таквото директно учество во конфликтот“, предупреди Песков.

Украина негираше секаква своја вмешаност во инцидентот, откако беше објавена снимка на летечки објекти кои се приближуваат кон Кремљ ноќта кон средата, од кои едниот експлодира во воздух веројатно погоден од противвоздишната одбрана.

Одговарајќи на можните одговори на Москва, Песков без да навлегува во поединости, рече дека тие би можеле да бидат „најразлични“.

„Станува збор само за промислени и избалансирани чекори кои се во согласност со интересите на Русија, додаде портпаролот на Кремљ.

Песков одговори и на темата за реакцијата на рускиот претседател Путин на нападот.

„Претседателот секогаш во вакви сложени, екстремни ситуации останува смирен, присебен, со јасност во процените, во командите коишто ги издава, така што ништо ново не се случи во оваа смисла“, прецизираше Песков и додаде дека во Кремљ продолжила вообичаената работна атмосфера.

Коментирајќи наводите кои се појавија во некои западни медиуми дека дроновите наводно можело да не бидат лансирани од Украина, туку од област во близина на Москва, Песков изрази надеж дека темелна и брза истрага спроведена од специјалните служби ќе ја утврди вистината.

Зборувајќи за можното влијание на нападот врз Кремљ на прославата на Денот на победата на 9-ти мај, Песков истакна дека во моментов нема промени во распоредот Појасни дека се подготвува „вообичаената парада“ на којашто ќе се обрати Путин.

Меѓутоа, по нападот безбедносните мерки на Кремљ ќе бидат зајакнати, додаде портпаролот на рускиот претседател.

„Се разбира, сѐ ќе биде засилено. И онака сите мерки се веќе засилени во контекстот на подготовките за парадата, а генерално претседателската резиденција е обезбедувана. А како, на кој начин (би можело да се случи), тоа е веќе … тема за длабинска анализа на нашите стручњаци, тие ќе си ја завршат работата“, рече Песков.

Путин нема намера да излезе со специјална изјава во врска со нападот, рече натаму неговиот портпарол, и, исто така, рече дека претседателот нема ниту намера во врска со тоа да свика посебна седница на рускиот Совет за безбедност.

Песков објасни и зошто информацијата за нападот врз Кремљ била вчера беше објавена засебно, а не на дневниот брифинг за новинарите.

„Вчера в во ова време, кога разговаравме (со новинарите), се правеше оперативна процена од специјалните служби…, па решивме да издадеме засебно соопштение“, рече Песков.

Во средата од Москва објавија дека Украина се обидела со две беспилотни летала да изврши напад врз резиденцијата на Путин во Кремљ, и дека војската и специјалните служби го онеспособиле леталата со радарски и електронски одбранбени системи.