САД стравуваат дека Кина може да ги користи пристанишните кранови за шпионирање

Американските власти сѐ повеќе се загрижени дека масивните кранови произведени во Кина, би можело да му користат на Пекинг за собирање разузнавачки информации, пишува во понеделникот The Wall Street Journal.

Според сознанијата на весникот, пристанишните кранови особени ги загрижуваат американските разузнавачки агенции и армијата. Од Пентагон, особено, ги споредиле крановите ZPMC инсталирани во неколку американски пристаништа со „тројански коњ“.

Оваа техника, како што се истакнува во написот на WSJ, иако е релативно евтина и добро изработена, е опремена со напредни сензори кои овозможуваат да се следи потеклото и дестинацијата на товарните контејнери. Неколку такви гигантски кранови се инсталирани во пристаништа коишто ги користи Пентагон, па се стравува дека Пекинг преку нив може да го следи движењето на американските воени товари.

Покрај тоа, како што се забележува во написот, во кинеските кранови има функција за пристап од далечина, што овозможува далечинско управување со нив.

„Тоа е совршена комбинација на легитимен бизнис, за кој може да се прикрие собирањето разузнавачки информации“, го цитира весникот Бил Ивенин, поранешен директор на американскиот Национален центар за контраразузнавање и безбедност.

Од своја страна, пак, претставник на кинеската амбасада во Вашингтон за весникот оценил дека таквите стравувања „водени од параноја“ се обида да се влијае врз трговската и економската соработка на двете според обемот најголемите светски економии.

Во четвртокот американското Министерство за трговија воведе извозни ограничувања за 37 правни субјекти меѓу кои се повеќе од 30 кинески, по една руска и белоруска компанија… Бројни компании вклучени во таа „црна листа“, како што се тврди, се поврзани со Народноослободителната армија на Кина, како и со развивање системите за следење коишто наводно ги користат кинеските власти во странство.

Во одговорот на кинеското Министерство за трговија се наведува дека САД под изговорот за ткн заштита на меѓународниот поредок и националната безбедност, ги задушуваат и ограничуваат активностите на компании и организации од бројни земји, вклучително и кинески.

Како што се истакнува натаму во одговорот на Пекинг, станува збор за „типичен економски притисок, кој ги нарушува законските права и интереси на компаниите, ја поткопува безбедноста и стабилноста на глобалните синџири на производство и набавки, го попречува закрепнувањето и развојот на глобалната економија“.

Најновите искри меѓу Вашингтон и Пекинг доаѓаат по минатомесечното соборување над САД на кинески балон, за кој американската страна тврди дека бил шпионски уред кој ја надлетал целата американска територија, а беше откриен над воена база во која се чуваат балистички проектили со нуклеарни боеви главо. Кинеската страна, пак, е истрајна во тврдењето дека станува збор за цивилен аеростат кој собирал метеоролошки информации и на кој поради невреме загубила контрола.