![Hag tribunal](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Hag-tribunal.jpg?resize=696%2C461&ssl=1)
САД во средата соопштија дека Светскиот суд не треба да нареди безусловно повлекување на израелските сили од палестинските територии додека го разгледуваат барањето за мислење за законитоста на окупацијата.
Во 2022 година, Генералното собрание на Обединетите нации побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП – ISJ), највисокиот суд на ОН познат и како Светски суд, да издаде необврзувачко мислење за правните последици од израелската окупација.
Иако од судот не беше побарано да даде мислење за повлекувањето на израелските сили од окупираните територии, многу држави кои учествуваат во дискусиите го повикаа Израел да го стори тоа. Израел, кој одби да учествува, во писмената изјава рече дека вмешаноста на судот може да биде штетна за постигнување решение преку преговори.
„Секој чекор кон израелско повлекување од Западниот брег и Појасот Газа бара разгледување на реалните безбедносни потреби на Израел. На 7-ми октомври сите нè потсетија на тие безбедносни потреби, а тие сè уште постојат. За жал, многу од учесниците на судските рочишта ги игнорираа тие потреби“, изјави Ричард Висек, вршител на должноста правен советник во американскиот Стејт департмент, пред судот во Хаг.
Повеќе од 50 држави ќе ги изнесат своите аргументи до 26-ти февруари. Претставниците на Русија и Франција треба да зборуваат подоцна во среда.
Во понеделникот, палестинските претставници побараа од судиите да ја прогласат за нелегална окупацијата на Израел на нивната територија и рекоа дека мислењето на судот може да помогне да се постигне решение за две држави.
Висек ги повика судиите да се придржуваат до воспоставената рамка на ОН за решението со две држави.
„Накратко, важно е судот да ја има предвид рамнотежата што Советот за безбедност и Генералното собрание ја утврдија дека е неопходна за да се обезбедат најдобри шанси за траен мир. удот не треба да утврди дека Израел е законски обврзан веднаш и безусловно да се повлече од окупираната територија“, порача Висек.
Од 15-члениот судски совет на МСП беше побарано да ја разгледа „окупацијата, населувањето и анексијата на Израел… вклучувајќи мерки насочени кон промена на демографскиот состав, карактерот и статусот на светиот град Ерусалим и усвојувањето на поврзани дискриминаторски закони и мерки“.
Се очекува на судиите да им бидат потребни околу шест месеци за да го дадат своето мислење за барањето, кое исто така бара од нив да го разгледаат правниот статус на израелската окупација која трае од 1967 на палестинските територии според меѓународната заедница – Западниот брег (на реката Јордан), Појасот Газа и Источен Ерусалим, и нејзините последици.
Израел го игнорираше мислењето на Светскиот суд од 2004 година, според кое израелскиот ѕид за раздвојување на Западниот бБрег е кршење на меѓународното право и треба да се урне. Наместо тоа, тој беше продолжен.
Тековните сослушувања би можеле да го зголемат политичкиот притисок поради израелската војна во Газа, во која израелската војска убила околу 29.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври.
Израел ги освои Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим – области на историската Палестина што Палестинците ги сакаат за држава – во конфликтот во 1967 година. Се повлече од Газа во 2005 година, но заедно со соседен Египет сè уште ги контролира своите граници.
Израелските лидери долго време несомнеа дека териториите се официјално окупирани врз основа на тоа што тие беа заземени од Јордан и Египет за време на војната во 1967 година, а не од суверена Палестина.