
Американската армија објави во петокот дека успешно тестирала одбранбен систем со кој ја засилува својата способност за уривање проектили со среден дострел истрелани од земји како што се Северна Кореја и Иран.
Тестиран се системот „Aegis“ опремен со пресретнувачот „ Standard Missile 3 Block IIA“ (SM-3 IIA), којшто заеднички го развиле американската „Raytheon Co“ и јапонската компанија „Mitsubishi Heavy Industries Ltd“.
Станува збор за второто успешно тестирање на пресретнувањето за SM-3 IIA, што значи дека се отстранети грешките поради коишто претходните тестирања не задоволуваа, изјавил за Reuters американски функционер под услов да остане неименуван.
Успешното тестирање води кон производството на овој систем, кој би требало да биде инсталиран во Полска. САД истакнуваат дека целта на распоредувањето на овој одбранбен систем во Полска ги одвраќа заканите од Иран, но на него со недоверба гледа соседна Русија којашто смета дека првенствено е насочен против нејзините интереси.
Во тестирањето изведено во петокот пресретнувачот бил лансиран од американскиот разурнувач „USS John Finn“ во Пацификот, откако радарот на разурнувачот воочил и следел балистички проектил со среден дострел. Целта на пресретнувачот бил проектил истрелан од постројката во Кауаи на Хаваи.
Во информацијата се потсетува дека во август годинава Пентагон доби мандат да истражување повеќе опции за справување со проектили евентуално истрелани од Северна Кореја кон американската територија.