САД: Во 2016 година влошена состојбата со основните слободи во светот

сад

Влошена е состојбата со основните слободи на изразување и собири ширум светот, се наведува во најновиот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2016 година.

Во извештајот се предупредува и на влошување на условите за работа на опозициските групи и активисти за човекови права.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ја прекина праксата и одби лично да го објави извештајот или јавно да зборува за истиот.

Активистите и групите за заштита на човековите права го критикуваа таквото однесување на Тилерсон.

Корупција, употреба на тортура и дискриминација против малцинствата се зголемени во некои делови од светот, се посочува во извештајот.

Исто така е изразена загриженост поради сексуално злоставување на жените, потоа растечкото ограничување на медиумите и интернет слободата, но и сузбивање на политичките опозициски групи и неможноста народите сами да избираат свои влади.

Тилерсон, во писмото за извештајот испратено до Конгресот, не спомнува конкретни случаи на загриженоста поради човековите права, но наведе дека промовирањето на правата и демократијата претставуват „суштински елемент на американската надворешна политика“.

Иако во извештајот не се споредуваат и рангираат државите, сепак најголема загриженост предизвикуваат Филипини, Турција, Кина и Венецуела.

Во Филипини забележан е голем пораст на убиствата на дилерите на дрога од страна на полицијата, но и од други непознати лица кои не се припадници на силите на редот.

Во Турција, Владата уапсила десетици илјади луѓе обвинети дека го поддржале неуспешниот воен удар минатата година, често без докази. Загрижувачки е и големиот број на уапсени новинари, се наведува во извештајот.

Во делот за Кина се истакнува дека во земјата и понатаму е присутна репресијата на лицата кои се занимаваат со заштита на цивилните и политичките права. И понатаму има десетици илјади политички затвореници и покрај негирањето на кинеските власти.

Во случајот на Венецуела извештајот предупредува на „систематска и политизирана употреба на судството“ со кое се застрашуваат и гонат критичарите на власта.