Сакраменто подобар од Филаделфија, пораз на Кливленд

Изминатата ноќ во НБА лигата се одиграа само три натпревара, во коишто Филаделфија 76ерс го запишаа вториот пораз во две вечери, откако до нив беа подобри со 101:95 Сакраменто Кинг, а Милвоки Бакс ги совладаа Кливленд Кавалирс.

Зак Рендолф ги предводеше Кингс со 27 погодоци, а Бади Хилд додаде 24 кошови. Френк Мејсон Трети додаде 16 кошови за Кингс кои успеаја да надоместат заостанување од 16 поени во второто полувреме.

Кај Филаделфија најефикасен беше Роберт Кавингтон со 17 кошови, Џерид Бејлерс додаде 15, а Бен Сајмонс 13 кошови и 12 скокови. Ова е седми пораз на Сиксерс во осум натпревари и втор пораз во две вечери без Џоел Ибиид.

Милвоки Бакс ги совладаа Кливленд Кавалирс со 119:116, а најзаслужен за тоа беше Јанис Антетокунмпо кој мечот го заврши со 27 кошови. Ерик Бледшо уфрли 26 поени за Милвоки кој ја прекина серијата од пет порази од Кливленд на кој ова му беше само втор пораз во последните 20 натпревари.

На Кавалирс не им помогна ниту одличниот Леброн Џејмс кој постигна 39 поени со 7 асистенции. Кевин Лав додаде 21 кош.

Милвоки надмина сто кошови на почетокот од почетокот од последната четвртина, но тогаш застана. Бакс водеа 103:83 кога Кливленд тргна во силен напад, во кој благодарејќи на неколкуте „тројки“ на Двејн Вејд и серијата од 24:3 гостинските Кавалирс дојдоа до своето прво водство по втората четвртина од 107:105.

Тројката на Брогдон ги доведе Бакс во водство на три и пол минути пред крајот, а потоа расположенито Џејмс направи пресврт на резултатот во водство од 113:112 за Кавалирс на две минути до крајот. Тони Снел погоди „тројка“ за Милвоки на 58,9 секунди до крајот, а по промашувањето на Кливленд, Антетокунмпо ја дограби топката и на него беше направен фаул а тој ги реализираше слободните фрлања и ги доведе во водство Бакс со 117:113 на 5,9 секунди пред крајот.

Во последниот меч игран синоќа Вашингтон Визардс со 116:106 славеа против Њу Орлеанс Пеликанс. Бредли Бил постигна 26 кошови за Визардс, а Мики Скот 24. Џон Вол додаде 18 поени и 10 асистенции за третата победа на Вашингтон во последните четири натпревари. Кај Пеликанс најдобар беше Ентони Дејвис со 37 кошови, а Демаркус Кузенс додаде 26 со 13 скокови.