Боливија се наоѓа во централниот регион на Јужна Америка и се карактеризира со многу езера, кои се препознатливи релјефни форми на државата. Езерата се наоѓаат како на планинскиот, така и во рамничарскиот предел.
Државата располага со солени и слатководни езера, од кои првите се среќаваат во Алтиплано, а вторите во рамнините. Голем дел од езерата имаат сезонски поголемо количество на вода, а во принцип тоа се солени површини или мочурливи области.
Солената рамнина Salar de Uyuni/Салар де Ујуни е еден од ретките предели на планетата каде што можете да се почувствувате како да сте во некој друг дел од универзумот, а се наоѓа во југозападниот дел на Боливија, како дел на Алтиплано.
Со својата површина од 10.582 километри квадратни/км², Салар де Ујуни не е само најголемата солена рамнина во светот, туку, исто така е една од најголемите огледала во светот која нуди совршен одраз од небото кога е врнежливо.
Поради огромната и пространа рамна површина, како и нивото на литиум, кога паѓа дождот целата област станува едно големо огледало кое го рефлектира небото, со само мал процент на варијации.
Рамницата Салар де Ујуни е стара околу 40.000 години, а на таа локација некогаш било големото езеро Минчин. Со текот на времето, езерото пресушило, оставајќи голема количина минерали на површината. Според некои претпоставки, на ова место има околу 10 милијарди тони сол, а секоја година луѓето користат околу 25.000 тони.
Местото е толку големо што може да се види дури и од вселената. На сателитската фотографија, направена и споделена од Европската вселенска агенција, пределот изгледа како некоја апстрактна уметност.
Иако поради својата сува состојба делува како вистински пекол, температурата во овој предел е всушност многу пријатна, и е помеѓу 13 и 21 Целзиусови степени.
Рамнината е покриена со слој од сол, некогаш подебел од еден метар, кој во поголемиот дел од годината е целосно сув, исклучок е само краткиот временски период на врнежи, при што дождот ја претвора во нешто навистина неверојатно – природно огледало.
Дополнителна магија и шарм на пределот, исто така, му дава и фактот дека Салар де Ујуни е сезонско живеалиште на розовото фламинго.
Во пределот се вселуваат три вида розови фламинга. Интересно е што птиците пристигнуваат во ноември и се задржуваат неколку месеци, и покрај тоа што боливиските висорамнини ја немаат нивната најпосакувана тропска клима. Всушност, Салар де Ујуни има многу малку вегетација, освен грмушки и поле со кактуси.
Се проценува дека на Алтиплано има помалку од 5.000 фламинга, а секоја измината година нивниот број се намалува, бидејќи локалните жители ги ловат за нивните прекрасни пердуви, продавани за изработка на карневалски костими.
Фламингото е вид на птица која се размножува со еден партнер во текот на животот, а женката одлежува само едно јајце годишно, а тоа е една од причините зошто нивната популација продолжува да се намалува. Убавите фламинга се само дел од магијата на солената рамнината, за кои се надеваме уште долго време ќе ја претвораат во рај.
Салар де Ујуни е само уште еден уникатен предел во серијата неверојатни и нереални пејзажи на нашата прекрасна планета!