Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини изјави во средата оти се надева дека Французите нема да гласаат за партијата на претседателот Емануел Макрон на претстојните избори за Европскиот парламент кои се одржуваат во мај, што укажува на продалбочување на тензиите меѓу Париз и Рим .
Односите меѓу Франција и Италија, инаку некогаш блиски сојузници, се влошија откако минатата година италијанската влада ја формираа суверенистичката партија од крајната десница Лига и евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди, кои отворено го критикуваат либералниот француски претседател Емануел Макрон и неговата проевропска партија Во движење (En Marche) кои имаат тендеции заедно со Германија, Париз да ги диктира новите правци во Европската унија.
„Макрон можеби повеќе нема да биде наш соговорни, во иднина“, рече Матео Салвини во интервјуто за јавното италијанско радиот RAI. „Неговата поддршка е под 20 отсто. Се надевам дека Фрацузите наскоро ќе донесат поинаква одлука“, додаде алудирајќи на претстојните избори за европските избори во мај.
Во понеделникот француската влада го повика италијанскиот амбасадор откако вториот италијански вицепремиер Луиџи Ди Мајо го обвини Париз дека намерно ја одржува сиромаштијата и колонијалниот статус во Африка, и оти ги поттикнува масовните имиграции кон Европа, а од нив меѓу најпогодените е токму Италија.
Потоа во вторникот Салвини рече дека Франција, која предничеше во воената интервнеција, не е заинтересирана за стабилизирање на од војната уништената Либија, којашто по конфликтот стана главната точка на поаѓање за криумчарите кои ги испраќаат мигрантите кон Европа во опасни гумени чамци и дотраени бродови, поради тоа што во Либија се судрија француските и италијанските енергетски интереси.
Салвини, кој е лидер на партијата Лига, додаде дека не е загрижен околу последиците од несогласувањето и како тоа ќе влијае врз напорите на владата околу спасувањето на националната водухопловна компанија „Alitalia“. Италијанските медиуми пишуваат дека француско-холандската воздухопловна компанија „Air France-KLM“ е во разговори со Рим околу преземањето на дел од сопственоста. „Постојат и други играчи кои се во поицијата да станат сопственици на дел од капиталот на Alitalia“, рече Салвини.