Само еден пациент кој не примил ниту една вакцина, четири пати бил болен од ковид

Во Македонија само еден пациент, кој не примил ниту една доза вакцина, „фатил“ корона по четврти пат, потврдуваат од Институтот за јавно здравје за Канал 5.

Според нив, во системот се евидентирани вкупно 17.540 лица кои се инфицирале повеќе од еднаш, што значи дека 5 отсто од вкупниот број потврдени случаи се реинфекции. Најголем дел од нив се заразиле два пати, ама има 102 лица кои три пати биле болни од ковид.

Реинфекции:

Два пати заразени-17.437 лица

Три пати заразени- 102 лица

Четири пати заразени-1 лице

Од сите кои по неколку пати се заразиле, околи 8.500 биле вакцинирани, што значи дека половина од реинфекцираните биле имунизирани.

Засега во Институтот за јавно здравје нема регистрирано пациент што се заразил по петти пат. А, според статистиката, 26 граѓани кои два пати се заразиле, починале поради компликации од вирусот.

Нема починати помеѓу оние кои повеќе од два пати се заразиле, велат од Институтот за јавно здравје.

Според лекарите, бројот на реинфекции е поголем од она што го покажува статистиката, бидејќи дел од граѓаните не се тестираат или пак земаат брзи тестови од аптека кои секако не се регистрираат во системот.

Во летниот корона бран минатата недела, за првпат се забележа пад на кривата на заразени за 20 %, споредено со претходната седмица. Сепак, се забележува пораст на бројот на починати и хоспитализирани.

Во последните седум дена вирусот зеде 14 животи, а во болница поради компликации од вирусот лежат околу 180 пациенти.