Шампионот извади бод во торинското дерби

ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Во големото градско дерби со коешто во петокот вечерта започна 35-то коло од италијанското фудбалско првенство, Јувентус на својот „Алијанц“ стадион успеа да остане непоразен против Торино (1:1).

Торино поведе во 18 минута преку Саша Лукиќ и беше на прагот на првата гостинска победа над Јувентус по дури 24 години. Сепак, шест минути пред крајот на мечот, на нафрлувањето на Спинацола, Кристијано Роналдо со удар со глава успеа да израмни.

Јувентус одамна ја обезбеди новата тутула, осма во низа, во водство е со 89 бодови, 19 повеќе од вториот Наполи. Торино сега има 57 бодови и моментално е на 6-то место, кое води во квалификациите за Лига Европа, и има бод односно два повеќе од конкурентите Милан и Лацио кои имаат и меч помалку.

Во сабота во Серија А се играат само два дуела: Киево – СПАЛ и Удинезе – Интер. Во недела на програмата се мечевите Емполи – Фиорентина, Лацио – Аталанта, Парма – Сампдорија, Сасуоло – Фросиноне, Џенова – Рома и Наполи – Калјари, а во понеделник Милан ја пречекува Болоња.