Водечкиот произведувач на паметни телефони во светот, јужнокорејскиот концерн „Samsung“, го одложи во понеделникот лансирањето на својот нов телефон на преклопување од моделот „Galaxy Fold“, откако американски новинари се пожалиле на тешки проблеми со екраните.
„Корисниците нѐ известија дека телефонот треба да се подобри. За да ги проучиме тие забелешки и да изведеме прецизни тестирања, решивме да го одложиме пуштањето во продажба на Galaxy Fold“, наведе јужнокорејската компанија во соопштение во кое не е наведен новиот датум за почетокот на продажбата.
Овој мобилен телефон требаше да биде пуштен во продажба во петокот, а цената требаше да му изнесува околу 2.000 американски долари. Овој модел е единствен конкурент на сличниот модел на кинескиот производител „Huawei“ моделот „Huawei Mate X“, кој исто така е на преклопување, поддржува 5G комуникациски стандарди, а според најавите ќе чини меѓу 2.300 и 2.600 долари.
Новите модели на овие производители треба да донесат револуционерна промена, која се состои во екранот на преклопување чија површина двојно се зголемува кога ќе се отвори. Меѓутоа, технолошките новинари кои ги добиле пробните примероци пријавиле низа проблеми со новиот екран, од чудни испакнувања и треперања, до видливи пукнатини.
Уредот „Galaxy Fold“, во режимот кога ќе се користи како смартфон има екран со дијагонала од 11,7 сантиметри, а во форма на таблет со дијагонала од 18,5 сантиметри. И овој уред поддржува пристап до мрежите од петтото поколение 5G. Има меморија од 12 GB, а капацитетот за складирање изнесува 512 GB.