Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот одлучи да остане на функцијата, која ја извршува од летото 2018 година, и покрај тоа што претходно овој месец судија во Мадрид отвори истрага против неговата сопруга за можна корупција што беше причината тој да навести можно повлекување од должноста.
„Решив да продолжам, со уште посилна сила на чело на владата“, рече 52-годишниот Санчез во говорот од зградата на владата.
Санчез, челник на Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE), во средата ги суспендираше сите свои должности за да „размисли“ пет дена дали вреди да остане на функцијата поради „лажните обвинувања“ и „напади врз неговата сопруга“.
„Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум (…) Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпеме десет години“, додаде тој во своето обраќање.
На новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето, изветуваат агенциите.
На 16 април, судијата во Мадрид отвори истрага против 49-годишната Бегоња Гомез врз основа на текстови објавени во онлајн весникот El Confidencial. Гомез е осомничена дека напишала препорака до приватни компании кои аплицирале на јавни тендери, а исто така и за односот со авиокомпанијата „Air Europa“ во текот на 2020 година, кога оваа авиокомпанија беше спасена од владата со буџетски средства. Сопругата на Санчез е раководител на постдипломскиот курс за претприемништво на јавниот универзитет Комплутенсе во Мадрид. Истрагата треба да утврди дали имало конфликт на интереси.
Пријавата до судот ја поднесе синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце), кој владата го обвинува за припадност на „екстремната десница“ и учество во „обидот за рушење на власта“.
Санчез формираше малцинска левичарска влада пред шест месеци со парламентарна поддршка на сепаратистичките партии на Каталонија, Баскија и Галиција. Неговите социјалисти и партнерските партии ја обвинија опозициската десница во текот на викендот дека не ги признава изборните резултати.
Државниот правобранител, кој беше назначен од шпанскиот монарх во 2022 година на предлог на владата на Санчез, побара завршување на истрагата минатата седмица, наведувајќи дека „нема индиции за кривично дело“.
Десничарската опозициска Народна партија (PP) и Глас (Vox) побараа „одговорност“ од Санчез и го обвинија за „притисок врз судовите“.