Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој се бори за номинација за претседателски кандидат кај демократите, ја нападна уредувачката политика на „Вашингтон пост“, традиционално про-демократско гласило.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Сандерс го критикуваше необјективното известување за неговата претседателска кампања, а причината за тоа ја гледа во своите повици дека компанијата Амазон не плаќа даноци.
-Зборувам за (даноците на Амазон) тоа цело време. И потоа се чудам зошто весникот, во сопственост на Џеф Безос кој го поседува Амазон, не пишува добри прилози за мене. Не знам зошто, укажа Сандерс синоќа за време на кампањска посета на Волфборо, Њу Хемпшир, каде наскоро треба да се одржат првичните демократски избори (прајмериз) за трката во Белата куќа.
Во друг говор подоцна тој повторно се наврати на оваа тема.
-Многупати досега посочивме дека Амазон лани заработи 10 милијарди долари. И дали знаете колку данок платија? Ви текнува, нула! Дали знаете зошто Вашингтон Пост не е помеѓу моите најголеми поддржувачи, и јас се чудам зошто, изјави Сандерс.
На критиките од демократскиот претседтелски кандидат доцна синоќа одговори извршниот уредник на весникот, Марти Барон.
-Сенаторот Сандерс е член на голем клуб политичари од сите идеолошки бои кои се жалат на нашите прилози. Спротивно на теориите на заговор кои ги застапува сенаторот, Џеф Безос дозволува нашата редакција да работи во целосна независност, и тоа можат да го потврдат нашите новинари и уредници, напиша Барон.
Откако го купи „Вашингтон Пост“ пред шест години за 250 милиони долари, Безос е постојано на удар од критики од страна на редица политичари, вклучувајќи го и претседателот Доналд Трамп, кој многупатуи укажа за „лажните вести“ на овој и други весници и телевизии во САД.
Сандерс не укажа кои прилози конкретно објавени во весникот не известувале објективно од неговата кампања.