Влијанието на украинскиот конфликт врз економија на Русија, е водечка тема во рускиот печат. Меѓу најексплоатираните настани е претстојниот Меѓународен економски форм, кој е планиран за крајот на мај, годинава, а треба да се одржи во Санкт Петерсбург.
Шефовите на некои големи западни компании, главно од САД, го откажуваат своето учество на претстојниот форум, кој е меѓу клучните економски случувања во Русија. Засега проценките се дека бројот на странските гости ќе биде дури за 40 отсто помал, во однос на тој од минатата година.
„Американските власти отворено признаваат дека организирале бојкот. Москва сочувствува со менаџерите, кои се изложени на жесток притисок од политичарите, но од друга страна директно порачува дека оние кои прават сплетки, многу бргу ќе го почуствуваат заладувањето на односите со Русија врз сопствениот бизнис“, објавуваат руските медиуми, пренесува Нетпрес.
Според информација која ја објави „Њујорк Тајмс“, корпорациите го откажуваат своето учество во Санкт Петерсбург, по консултации со луѓе од Белата куќа.
„Компаниите можат да донесат сопствени одлуки, но ние сметаме дека ако шефовите на корпорациите отпатуваат во Русија и се појавуваат пред публика заедно со чиновници од руската власт, тоа може да биде протолкувано многу погрешно“, рекла во изјава за рускиот весник „Комерсант“, Кејтлин Хејдон портпарол на Советот за национална безбедност.
Според Сергеј Белјаков, руски заменик-министер за економија, на американските бизнисмени им е извршен „невиден притисок“.
Повеќето американски компании сепак ќе учествуваат на Форумот, но ќе испратат луѓе од пониско хиерархиско ниво. Намален број на учесници ќе пристигнат од Канада, Велика Британија, Германија, Италија, Франција и Јапонија. Најверојатно никакви преставници нема да имаат компаниите „Голдман Сакс груп“, „Морган Стенли“, „Виза“ и „Пепсико“.
Во доверливи разговори, бизнисмените, пак, ги споделуваат опасностите во врска со последиците од тој чекор.
„Мислам дека самите компании ќе претрпат многу повеќе штета, отколку Форумот или руската економија“, вели Сергеј Белјаков.
Русија „нема да ја затвори економијата за оние кои нема да дојдат“, но „посилно ќе ја развиваме соработката со фирмите, кои ќе дојдат, со оние со кои ќе имаме директен контакт“, вели тој.
„Разбираме дека повеќето компании не се откажуваат по сопствена воља“, но “истовремено, разбираме и дека во бизнисот нема вакуум“, коментира Дмитриј Песков, портпарол на претседателот на Русија, Владимир Путин.