Американската одлука за истапување од меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран и за повторното воведување на економските санкции против оваа земја најмногу ќе оди во полза на Кина, бидејќи ќе го поткрепи нејзиното барање увезената нафта да ја плаќа во својата валута – јуанот, сметаа валутните експерти.
Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да воведе и нови санкции за Иран откако САД се повлекоа од меѓународниот договор за нуклеарната програма склучен меѓу Техеран и шесте светски сили во 2015 година. Целта на санкциите е да се ограничи трговијата со иранска нафта на меѓународните пазари, иако нивното влијание врз азиските купувачи, вклучително и Кина, веројатно ќе биде ограничено, имајќи предвид дека тие, според се’ судејќи, ќе продолжат да купуваат нафта од Иран, се наведува во анализата на Reuters.
Кина ќе има полза од ваквиот развој на настаните, доколку успее да ја искористи својата позиција на најголем увозник на нафта во светот, за да изнуди плаќање на иранската нафта во јуани. Глобалните цени на нафтата се искажани во американски долари и со неа се тргува во американската валута поради доминантната улога на американските и лондонските пазари. Доколку цените бидат искажани во јуани, тогаш тоа на Кина ќе ѝ ги заштеди трошоците за конверзија на валутите и ќе поттикне поголема употреба на јуанот во глобалната финансиска трговија, во крајна линија нагризувајќи ја водечката позиција на американскиот долар.
Се очекува дека иранскиот извоз на нафтата ќе се намали, како и странските вложувања во Иран, што ќе нанесе штета на иранската економија, но и на ликвидноста на доларот имајќи предвид дека глобалното тргување со нафтата ја поткрепува вредноста на „зелената валута“, потсетува Едвард ал-Хусејни од американската консултантска куќа „Columbia Threadneedle“. Тоа е поттик за Иран да ги започне разговорите со кинеската централна банка за договор кој би го регулирал плаќањето на нафтата во кинеската валута, додава ал-Хусејни.
Во последниот циклус санкци пред склучувањето на договорот кон средината на 2015 година, иранскиот извоз на нафтата беше намален за околу милион барели дневно, а иранскиот министер за нафта овој 10-ти мај, два дена по објавувањето на одлуката на САД, изјави дека решението на американскиот претседател нема да влијае врз извозот.
За подобро да ги контролира цените на увезената нафта, Кина во март покрена нафтена берза којашто може да стане референтно место за тргување со нафтата во јуани и конкурент на лондонскиот и американскиот нафтен пазар.
„Кина е најголем потрошувач и најголем произведувач на сировини во светот, па логично е кинеските термински договори физички поблиските подрачјата на понудата и побарувачката да бидат поприродно место за тргување отколку американскиот пазар“, истакнува Маруен Јунес од њујоршки „Massar Capital Management“.
Непосредно по отворањето на кинеската берза три извора за Reuters кон крајот на март изјавија дека кинеските регулатори неформално побарале од неколку финансиски компании да се подготват за искажување на цените на увезената нафта во јуани.
Дополнителен поттик за Кина за зацврстување на интересите во иранската нафтена индустрија претставува и фактот дека Иран се наоѓа на рутата на кинескиот проект „Еден појас, еден пат“, или познат како Патот на свилата 2, во рамките на кој Пекинг настојува да вложи повеќе од 1.000 милијарди долари во железничка и пристанишна инфраструктура и во енергетски проекти во повеќе од 60 земји во Европа, Африка и Азија.