Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки најави дека следната година ќе почне законската обврска за отпочнување на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк. Дураки ова го изјави на конференцијата на тема “Шар Планина – треба ли да биде прогласена за Национален парк” која во организација на Балканскиот институт за регионална соработка се одржа во село Доброште.
Според Дураки, Шар Планина претставува едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и Европско ниво.Во интерес на секоја држава е заради општествено-економски развој да поседува повеќе заштитени подрачја. Во светот е докажано дека економската моќ на секоја земја е многу поголема, доколку заштитените подрачја рационално и одржливо се користат.
Би сакал да истакнам дека Република Македонија прави значајни напори во исполнувањето на барањата на ЕУ за заштита на природата. Согласно Законот за заштита на природата и Правилникот за содржина на Студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, Министерството за животна средина и просторно планирање, со поддршка на Глобалниот еколошки фонд ГЕФ и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина од Виена, УНЕП во моментот спроведуваат проект (STAR5) „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“.
Изработена е прва нацрт верзија на Студијата за валоризација на Шар Планина. Втората фаза од оваа активност е во тек и се очекува финалната верзија на Студијата да биде завршена во текот на 2019 година. Оваа активност се спроведува од страна на Институтот за екологија и технологија од Тетовскиот Државен Универзитет и Институтот за биологија од Природно-математичкиот факултет УКИМ Скопје. Паралелно со оваа активност, а со поддршка на Италијанското министерство за животна средина, земјиште и море, локални партнери изработуваат Социо-економска студија за подрачјето на Шар Планина. По комплетирањето на горенаведените студии започнува законска обврска за отпочнување на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк, рече Дураки.
Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе се овозможи заштита, зачувување, унапредување, развој, промоција и афирмација на природните вредности на ова подрачје. Во Македонија постојат три Нацинални парка, Пелистер- прогласен 1948, Маврово- прогласен 1948 и Галичица- прогласен 1958 година.