Сараќини-Копач: Исполнувањето на обврските кон ЕУ во делот на енергетиката е најдобар начин за позитивни резултати

58

Состанокот е дел од посетата на директорот на Енергетската заедница на земјите во регионот, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора, кои се потписнички на Договорот за основање на Енергетската заедница (ЕЗ), во насока на презентација на Годишниот извештај на Секретаријатот на ЕЗ за имплементација на законодавството на Европската унија што е опфатено со Договорот.

Министерот за економија и директорот на Секретаријатот разговараа за повеќе теми од областа на енергетиката и тоа за имплементација на третиот пакет на законодавство на Европската унија за внатрешен пазар на електрична енергија и природен гас, активности во делот на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, развој на инфраструктурни проекти и други енергетски проекти и друго.

Сараќини и Копач се согласија дека со исполнувањето на обврските во поглед на транспонирањето и имплементацијата на законодавството Македонија е на вистинскиот пат и дека избраниот начин на работа на министертвото, во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни и Секретаријатот на Енергетската заедница, е најдобриот начин од кој се очекува да придонесе за позитивни резултати.

Заеднички беше истакната добрата соработка во досегашниот период и можноста таа уште повеќе да се продлабочи преку месечни комуникации и известувања за завршените работи, како и за отворените прашања кои би се појавиле во тековното работење. Соработката со Секретаријатот позитивно придонесува во развојот на усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија во поглед на експертска поддршка, разменување на дискусии и олеснување на дебатите со засегнатите страни.

Двете страни заеднички го договорија продолжувањето на соработката и во наредниот период во сите области на енергетиката, во рамките на Договорот за основање на Енергетската заедница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.