Министерот за економија Ваљон Сараќини и Македонската асоцијација на рударството (МАР) денеска одржаа завршна средба за 2013 година, на која се дискутираше за остварените резултати во тековната година на полето на минералните суровини и очекувањата и планирањата за 2014 година во овој значаен индустриски сектор.
На средбата, на која се дискутираше и за Предлог законот за минерални суровини, министерот Сараќини истакна дека земјава имаше успешна година во секторот за минерални суровини, па во 2013 година се доделени 93 концесии за минерални суровини, што речиси е двојно повеќе од 2011 година, а отворени се 590 работни места, што е повторно безмалку двојно повеќе од минатата година.
„Само во првите девет месеци од 2013 година имаме околу 600 милиони приход од концесискиот надомест, од кои општините добија околу 450 милиони, а во касата на државниот буџет се слеаја околу 130 милиони денари, а на 18 месецов определивме 53 нови локации за истражување и експлоатација“, рече Сараќини.
Споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен бележи пораст од 6,7 отсто. Според министерот за економија, овој сектор континуирано има позитивна стапка на раст на производството, што го прави еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 отсто во бруто домашниот производ е од големо значење за македонската економија.
„Сакам да потенцирам дека во 2014 година не’ очекуваат многу повеќе заеднички средби за да ги чуеме вашите сугестии и предлози за уште подобро функционирање и поуспешни резултати. Во финални преговори сме и со Државниот архив во Белград, од каде ќе се земе геолошката документација, со што значително ќе се зголеми бројот на потенцијални наоѓалишта“, информираше министерот, додавајќи дека во Законот за минерални суровини ќе се предвиди и реномирани странски геолошки компании да можат да прават проспекциски геолошки истражувања, со што,ќе дојде до зголемување на бројот на рудни наоѓалишта и до темелно истражување на рудното богатство.
Сараќини истакна дека и во 2014 година ќе се продолжи со доделувањето на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини на транспарентен начин со електронска аукција, а ќе бидат изготвени и подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за минерални суровини. Уште една новина ќе биде донесувањето на Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини, а ќе продолжиме со промоцијата на минералните ресурси со цел привлекување на инвестиции во деталните геолошки истражувања и експлоатацијата на минералните суровини.
На средбата министерот Сараќини го резервираше последниот петок во месецот за отворените прашања и предвизвици со кои се соочуваат инвеститорите од овој значаен индустриски сектор.
Николајчо Николов, истака дека на седницата, покрај тоа што ќе се разгледа Законот за минералните суровини, акцент ќе се стави на мерките кои треба да се донесат за да се подобрат условите за работа во секторот рударство, но и на тарифникот за наплата на концесискиот надоместок, со чие евентуално донесување би се зголемила вредноста на надоместокот.