Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се изрече пресудата за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и шестмина припадници на поранешните „алфи“ во предметот „Тортура“, кој се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 – ден по парламентарните избори.
Предметот го отвори поранешното СЈО по чие згаснување овој, како и сите други случаи, преминаа во рацете на редовните обвинителства. Обвинетите се гонат за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, а обвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови побара затворски казни.
Обвинителството тврди дека при апсењето на Бошкоски имало мачење. Тој не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на полски тоалет кај ресторанот „Воденица“ во Скопје, бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање. Мотивот, рече Лапе во завршните зборови, бил реваншизам.
„Преовладувачки начин на извршување е политичката дискриминација, основниот мотив бил предизвикување страдање поради политичка определба, популарно наречено политички реваншизам“, рече обвинетиот.
Одбраната, пак, тврди дека тука нема случај, обвинителството нема докази и обвинението се темели на претпоставки. Обвинетите се бранеа дека Бошкоски со своето однесување односно давање отпор ја предизвикал нивната интервенција, но тврдеа дека не ги пречекориле полициските овластувања.
Адвокатите на Мијалков во завршните зборови, покрај другото, тврдеа дека нема докази и оти ексшефот на тајната полиција ги поттикнал „алфите“ за кривичното делот за кое се гонат.
„До ваквиот заклучок одбраната доаѓа по извршената анализа на одбраните на обвинетите кои на прашање на судот дали помеѓу нив и Сашо Мијалков бил реализиран каков било телефонски или друг вид контакт пред и после настанот и дали лично го познавале Сашо Мијалков, децидно одговорија дека ниту лично го познавале ниту кога било имале остварено каков било вид контакт со Сашо Мијалков“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.
Денешната пресуда ќе биде трета по ред за Мијалков оваа година. Во случајот „Таргет-Тврдина“ на 26 февруари тој доби 12 години затвор, а на 13 април во „Трезор“ му беше изречена затворска казна од 8 години. Двете пресуди се уште не се правосилни односно за жалбите на странките треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.
Мијалков, заедно со Мендух Тачи и тројца поранешни членови на ДИК, е обвинет и во случајот „Титаник 2“, каде во 2019 од Основниот кривичен суд – Скопје беше осуден на 3 години затвор, но пресудата беше укината од Апелација и случајот се врати на повторно судење во првостепениот суд.
Ексдиректорот на УБК е осомничен и во двете финансиски истраги „Империја“ и „Плацови на Водно“ од кои за втората Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција неодамна поднесе обвинение, кое чека за оценка во Кривичен.