![arapska liga kairo](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/12/arapska-liga-kairo.jpg?resize=650%2C366&ssl=1)
Саудиска Арабија има намера да го покани сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига, кој ќе се одржи на 19-ти мај во саудиската престолнина во Ријад, објави во неделата агенцијата Reuters повикувајќи се на два извора/
Според информацијата на соговорниците на агенцијата, саудискиот министер за надворешни работи Фејсал бен Фархан ал-Сауд, следните седмици ќе отпатува во Дамаск за официјално да го покани сирискиот претседател на самитот.
Саудиска Арабија ги прекина дипломатските односи со Сирија во 2012 година, затворајќи ја дипломатската мисија во Дамаск и протерувајќи го сирискиот амбасадор.
Претходно Reuters, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека Сирија и Саудиска Арабија постигнале одговор за отворање на дипломатските мисии по повеќе од десет години по прекин на односите. Весникот The Wall Street Journal, цитирајќи арапски и европски дипломати, дека бројни арапски земји кои ги прекинаа односите со Дамаск се обидуваат да ги обноват врските со Башар ал-Асад.
Во саботата во Каиро престојуваше сирискиот министер за надворешни работи Фејсал Мекдад на средба со својот египетски домаќин Самех Шукри, што претставува прв контакт по повеќе од деценија кога во 2011 година сунитските бунтовници поддржани од Западот и околните сунитски монархии започнаа граѓанска војна за да ја урнат владата на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад.
Оваа посета укажува дека Сирија, откако ал-Асад се одржа на власт, благодарејќи на воената поддршка од Русија и Иран во борбите со бунтовниците и екстремните сунитски групации како Исламска држава и Ал Каеда, ги подобрува односите со арапските соседи.
Агенцијата Reuters повикувајќи се на анонимен египетски безбедносен извор, извести дека целта на посетата на Мекдад, била разговори за условите за враќање на Сирија во Арапската лига со посредување на Египет и со Саудиска Арабија која беше еден од главните поддржувачи на сириските бунтовници, но неодамна во Пекинг склучи договор за повторно нормализирање на односите со Иран кој е најсилниот регионален поддржувач на владата во Дамаск.
Во 2012 година, повеќето арапски држави ги повлекоа шефовите на дипломатските мисии од Сирија во знак на протест против политиката на претседателот ал-Асад, обвинувајќи го за насилно задушување на народни демонстрации. Во моментов, голем број арапски земји прават напори да ја вратат Сирија во Арапската лига, каде нејзиното членство беше суспендирано по масовните бунтови на почетокот на „арапската пролет“ во 2011 година.