Властите во Саудиска Арабија заплениле играчки и детска облека во боја на виножито тврдејќи дека ја поттикнува хомосексуалноста, пренесе државната телевизија „Ал-Ехбариј“. Претставници на Министерството за трговија отстраниле голем број артикли од продавниците во главниот град Ријад. Тука спаѓаат штипки за коса, капи, футроли за моливи итн. Еден функционер рекол дека предметите во боја на виножито се спротивни на исламската вера и морал и дека промовираат хомосексуалност насочена кон помладата генерација, пишува Би-би-си.
„Нашите тимови запленуваат производи со симболи и знаци кои се во спротивност со здравиот разум“, соопшти Министерството за трговија на „Твитер“. Од таму додаваат дека продавниците кои се решени да продаваат артикли во бои на виножитото ќе се соочат со законски казни.
Властите во соседен Катар заплениле коцки и други играчки во боја на виножитото во декември бидејќи, како што велат, носеле пароли што се спротивставуваат на исламските вредности.
Иако во Саудиска Арабија не постои закон за сексуална ориентација или родов идентитет, хомосексуалниот однос е строго забранет.
Според толкувањето на исламскиот закон во Саудиска Арабија, консензуалното истополово сексуално однесување се казнува со смрт или камшикување во зависност од тежината на случајот. Исто така, незаконски е мажите да се однесуваат како жени или да носат женска облека. Обратно важи и за жените.