Саудискиот буџетски дефицит скокна во вториот квартал

Буџетскиот дефицит на Саудиска Арабија се зголемил речиси тројно во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година, покажаа податоците на Министерството за финансии, што ги одразува значително повисоките трошоци за проекти наменети за намалување на доминантната улога на нафтата во економијата и скокот на субвенциите.

Така, во периодот од април до јуни, дефицитот достигнал 15,3 милијарди риали (4,09 милијарди долари), објави во средата Министерството. Вкупните приходи во буџетот се зголемени за 12 отсто, на 353,6 милијарди риали. Вкупните издвојувања од буџетот се зголемени за 15 отсто, на речиси 369 милијарди риали.

Програмата „Vision 2030“ изискува стотици милијарди долари инвестиции за развој на нови економски сектори и поодржлив прилив на приходи за да се намали зависноста на најголемиот светски извозник на нафта од фосилни горива.

Приходите од нафтата во вториот квартал изнесуваат речиси 213 милијарди риали и се за 18 отсто повисоки од лани. Останатите приходи се зголемени за четири отсто.

Субвенциите се зголемија за 68 отсто, а капиталните трошоци за речиси 50 отсто во споредба со вториот квартал од 2023 година, се вели во извештајот.

Така, во првите шест месеци од годинава буџетскиот дефицит достигна 27,7 милијарди риали, се вели во извештајот на министерството за извршување на буџетот. За цела година владата во Ријад предвидува дефицит од 79 милијарди ријали.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) ја намали прогнозата за раст на саудиската економија оваа година за речиси цел процентен поен, на 1,7 отсто. Исто така, проценува дека на кралството ќе му биде потебна цена на нафтата од 96,2 долари за избалансиран буџет оваа година.

За да ги покрие потребите за финансирање, Саудиска Арабија собра 17 милијарди долари во емисии на обврзници од почетокот на годината, а милијарди исто така беа собрани на пазарите на обврзници од нејзиниот нафтен гигант „Aramco“ и државниот стабилизациски фонд, кој ја администрира програмата „Vision 2030“.

На крајот од јуни вкупниот јавен долг на Саудиска Арабија изнесуваше 1,149 трилиони риали и беше за речиси 9,5 отсто поголем од крајот на минатата година.

Саудискиот бруто домашен производ (БДП) се намалил во вториот квартал за 0,4 отсто во споредба со истиот период минатата година под притисок на падот на активноста во нафтениот сектор од 8,5 отсто, објави во средата статистичката служба GASTAT. Во првиот квартал е намален за 1,7 отсто. Ријад го намалува производството во договор со другите членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и сојузниците за да ги поддржи цените.

Активноста во останатите сектори е зголемена за 4,4 отсто во периодот од април до јуни.