Саудискиот министер го потврди интересот за инвестирање во ископ на литиум во Чиле

Саудискатак компанија „Manara Minerals“ ја разгледува можноста за инвестирање во производството на литиум во Чиле, изјави во понеделникот саудискиот министер за рудници Бандар Алхорајаф за време на посетата на оваа јужноамериканска земја.

„Manara Minerals“, заедничко вложување меѓу државната рударска компанија „Ma’aden“ и Фондот за јавни инвестиции (PIF), „анализира различни опции“, рече Алхорајаф во интервју, пренесува Reuters.

Саудиска Арабија работи на обезбедување пристап до литиум и други минерали, бидејќи се обидува да стане центар за производство на електрични возила и батерии за нивно напојување, во обид да ја диверзифицира својата економија зависна од нафта.

Алхорајаф, саудискиот министер за индустрија и минерални ресурси, рече дека „Manara Minerals“ има интерес да инвестира во Чиле, вториот по големина светски производител на литиум, метал кој исто така се користи за производство на батерии. Тој, исто така, рече дека гледа „голема посветеност“ од чилеанската влада да помогне во обезбедувањето инвестиции.

Сепак, Алхорајаф истакнува дека не е запознаен со конкретните разговори кои се во тек. Имено, како што потсетува Reuters, чилеанската државна рударска компанија „Codelco“ моментално бара партнер за голем проект за ископ на литиум во рамнината Марикунга, а, исто така, владата неодамна отвори и голем број други наоѓалишта на литиум за приватни инвестиции.

Во понеделникот Алхорајаф се сретна со претставници на чилеанското Министерство за рударство, а присутни беа и претставници на „Codelco“. Алхорајаф рече дека Саудиска Арабија е заинтересирана брзо да обезбеди снабдување со литиум, вклучително и од Чиле, бидејќи има намера да произведува батерии за електрични возила во земјата.

„Имаме водство кое е многу амбициозно. Ние сме сериозни да го добиеме сега (…) што е можно поскоро“, рече тој.

Пред Чиле, саудискиот министер беше во официјална посета на Бразил, исто така, со цел да се подобри економската соработка меѓу двете земји во повеќе области, вклучително и во рударството.