Саудискиот престолонаследник се заканил дека ќе ги ревидира односите со САД

Саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман ал-Сауд им се заканил на Соединетите држава со „сериозни економски последици“ поради плановите на Вашингтон да го казнат Ријад поради неговата одлука да го намали производството на нафта што не оди во прилог на американските настојувања и интереси, пишува The Washington Post повикувајќи се на доверлива разузнавачка белешка.

Весникот напомнува дека во октомври минатата 2022 година американскиот претседател Џо Бајден ја предупредил Саудиска Арабија ќе се соочи со „извесни последици“ поради нејзиното заземање за одлуката што ја донесе нафтениот картел Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници големите независни производители предводени од Русија познати како групата OPEC+ да се намали производството на дневно ниво во заднината на високите цени на енергенсите на глобалниот пазар, и тоа пред ланските избори на средината од мандатот во САД.

И додека Ријад јавно ги објаснуваше своите постапки со низа дипломатски изјави во медиумите, принцот Мохамед бин Салма приватно се заканил дека фундаментално ќе ги преиспита и измени саудиско-американските односи, што потенцијално би предизвикало значителна економска штета за САД, доколку Вашингтон преземе такви казнени чекори кон Ријад, пишува WP.

Депешата на американското разузнавање во кој се наведуваат заканите на саудискиот принц излегле во јавноста како резултат на големото истекување на доверливи материјали објавени на платформата Discord. Меѓутоа, се наведува во написот, не е јасно дали предупредувањата на принцот бин Салман биле кажани директно до американските функционери или биле пресретнати од американското разузнавање со помош на електронско прислушување.

 

Блинен ги „пеглаше“ разликите со Саудијците

Претходно седмицава во средата Вашигнтон објави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен имал „отворен и искрен“ разговор со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за низа билатерални прашања, изјави американски претставник. Шефот на американската дипломатија допатув во Саудиска Арабија доцна во вторникот во долгоочекуваната посета во услови на затегнати врски поради продлабочените несогласувања околу сè, од политиката на Иран до регионалната безбедност, цените на нафтата и човековите права.

Блинкен и саудискиот престолонаследник се сретнаа на разговори кои траеја час и 40 минути, изјавија од американскиот Стејт департмент. Тие разговараа за Израел, конфликтот во Јемен, немирите во Судан и прашањата за човековите права.

„Постоеше добар степен на конвергенција во потенцијалните иницијативи каде што споделуваме исти интереси, но исто така препознавме каде се разликуваме“, рече американскиот функционер.

Во поголемиот дел од дискусијата се очекуваше да доминира евентуалното нормализирање на саудиско-израелските врски, иако официјалните лица ја намалија веројатноста за некој голем напредок по ова прашање во скоро време.

„Тие разговараа за потенцијалот за нормализација на односите со Израел и се согласија да го продолжат дијалогот за тоа прашање“, накратко изјави американскиот претставник.

 

Ријад се свртува кон Москва и Пекинг?

Но веќе истиот ден вечерта во средата, принцот бин Салман одржа телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Во штурото соопштение за јавноста, Кремљ објави дека во текот на телефонскиот разговор двајцата челници дискутирале за прашањето за обезбедување стабилност на глобалниот енергетски пазар.

„Двете страни високо го ценеа нивото на соработка во рамките на OPEC+, што овозможува преземање навремени и ефективни чекори за одржување на рамнотежа меѓу понудата и побарувачката на нафта“, беше истакнато од Москва.

Притоа, челниците на двете земји ја истакнале важноста на договорите постигнати на министерскиот состанок во Ријад за нафтата. За време на разговорот, Путин и бин Салман се осврнале и на мерките за натамошно градење трговски и економски врски, спроведување на ветувачки заеднички проекти во областа на инвестициите, транспортната логистика и енергијата, беше соопштено.

Саудиска Арабија, моќен центар на Блискиот исток каде се двете од најсветите светилишта на исламот, им даде благослов на соседите од Персискиот залив, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин да воспостават односи со Израел во 2020 година под американската администрација на тогашниот претседател Доналд Трамп. Ријад не го следеше примерот, но во април под покровителство на Кина ги обнови врските со Иран, регионалниот ривал и главен непријател на Израел.

Развојот на цивилна нуклеарна програма е еден од условите на Ријад за нормализирање на врските со Израел, вели за Reuters извор запознаен со разговорите, потврдувајќи го извештајот на The New York Times од март. Саудиските или американските власти јавно не го потврдија ова.

Во петокот два дена по посетата на Блинкен, Ријад ќе биде домаќин на голема арапско-кинеска инвестициска конференција. Џонатан Фултон, нерезидентен висок соработник во Атлантскиот совет, вели дека Кина ќе им помогне на Саудијците во сектори каде што САД нема да го прават тоа, но дека Ријад ја нема истата длабочина на односите со Пекинг како што ја има со Вашингтон.

„Во овој момент, јас сепак би ги окарактеризирал американско-саудиските односи како стратешки, а кинеско-саудиските односи како трансакциски“, рече Фултон.

 

Мисија за зближување со Вашингтон или за одвраќање на соработката на Ријад со Пекинг

Посетата на шефот на американската дипломатија од 6-ти до 8-ми јуни на најголемиот светски извозник на нафта, во мисија на зацврстување на односите меѓу Вашингтон и Ријад по годините на сѐ подлабокото несогласување по низа прашања, од Иран и Сирија до регионалната безбедност и цените на нафтата, дојде само неколку дена откако Ријад најави натамошно намалување на производството на нафтата, потез кој веројатно ќе ги зголеми тензии во американско-саудиските односи.

Односите се веќе затегнати поради континуираните американски критики за состојбата на човековите права во Саудиска Арабија, како и споровите околу политиките на САД кон Иран, со кој неодамна Ријад со посредување на Кина ги обнови дипломатските односи по долгогодишниот прекин, како и саудиската покана за сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига со што неговата земја беше вратена во блокот по повеќе од децениската суспензија на членството.

Покрај тоа, Саудиска Арабија се споменува како една од земјите коишто се заинтересирани за членство на групата земји БРИКС, во кој предничат американските геостратешки ривали Кина и Русија.

Целите на патувањето на Блинкен вклучуваат и враќање на американското влијание на цените на нафтата, одбраната од кинеското и руското влијание во регионот на Блискиот исток и негување на надежите за конечна нормализација на саудиско-израелските односи почната како цел на Вашингтон во текот на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Зборувајќи пред израелската лоби група Американско-израелскиот комитет за јавни работи во понеделникот, Блинкен рече дека Вашингтон има „вистински национален безбедносен интерес“ во заговарањето на нормализацијата на дипломатските односи меѓу Израел и Саудиска Арабија, но предупреди дека тоа нема да се одвива брзо.

Обесхрабрувањето на поблиските кинеско-саудиски односи веројатно бепе најважниот елемент на посетата на Блинкен, кој требаше на бин Салман да му објасни зошто кинеските интереси не се во согласност со Саудиска Арабија и зошто поблиските односи на стратешки начин ги кочат поблиските односи со Вашингтон.