Саудискиот престолонаследен принц Мохамед би Салман му кажал на американскиот претседател Џо Бајден дека Саудиска Арабија работела на спречување грешки како што било убиството на новинарот Џамал Кашоги, но и дека и САД правеле грешки, вклучително и војната во Ирак, велат за медиумите саудиски функционери.
Бајден во петокот му кажа на принцот Мохамед дека го смета одговорен за убиството на влијателниот саудиски новинар Кашоги, кој поради критиките на начините на владеење на монархијата мораше да замине во егзил во САД каде што продолжи со критиките во авторските текстови во The Washington Post.
„Монархијата ги презема сите мерки за да спречи слични грешки во иднината“, му рече саудискиот принц на американскиот претседател. Престолонаследникот Мохамед ја негираше притоа својата одговорност за убиството на Кашоги.
Саудиски функционер, во соопштение испратено до агенцијата Reuters за разговорот на двајцата челници во петокот, рекол дека принцот Мoхамед рекол дека обидите со сила да им се наметнат одредени вредности на други земји би можело да има спротивен ефект.
Бајден, кој допатува во Саудиска Арабија во својата прва посета на Блискиот исток во својство на американски претседател, во саботата учествува во саботата на самитот со шест земји од Персискиот залив, како и Египет, Јордан и Ирак.
Средбата со принцот Мохамед предизвика лавина критики, како во САД, така и во светот, поради саудиското кршење на човековите права.
Бајден вети претходно дека ќе ја „изопшти“ Саудиска Арабија од глобалната сцена поради убиството на новинарот Кашоги во октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул. Пред патувањето Бајден, кој саудиската влада ја нарече „парија“ поради нејзината улога во убиството на Кашоги, рече дека неговите ставови за тоа злосторство се „апсолутно позитивно јасни“. Меѓутоа, на крајот одлучи дека американските интереси ги диктираат подобрувањето на односите со најголемиот светски извозник на нафта и арапска сунитска сила.
„Истата година се одвиваа слични инциденти кои заслужуваат жалење и други новинари се убиени во други делови од светот. САД, исто така, направија грешки како што беше инцидентот во затворот Абу Граиб во Ирак и на други места“, рекол саудискиот престолонаследен принц пред американскиот претседател.
Според извештајот, принцот Мохамед додал дека сите земји ширум светот, особено САД и Саудиска Арабија, споделуваат вредности со коишто се согласуваат и имаат други со коишто не се согласуваат.
„Меѓутоа, обидите да се наметнат тие вредности со сила би имало спротивен резултат, како што се случи во Ирак и во Авганистан, каде што САД беа неуспешни“, се цитира во соопштението дел од изјавата на саудискиот престолонаследник пред американскиот претседател.
Вашингтон го омекна својот став во однос на Саудиска Арабија, особено откако Русија кон крајот на февруари ја започна својата воена интервенција во Украина, а западните антируски санкции и откажувањето од руските нафта и гас доведе до една од најголемите глобални кризи со резервите на енергенси и храна.
На Бајден му е потребна помошта од Саудиска Арабија во време на високите цени на сировата нафта на светските пазари и другите проблеми поврзани со војната во Украина. САД исто така, сакаат да го задушат растечкото влијание на шиитски Иран во регионот, кому еден од историски најголемите противници му се токму сунитска Саудиска Арабија и Израел. Исто така, администрацијата во Вашингтон се обидува и на Блискиот исток да го спречи ширењето на глобалното влијание на Кина.