Како што беше посочено на прес-конференцијата во Скопје, растот годинава забави поради намалување на инвестиции, но се очекува постепено да закрепнува поткрепено со финалната потрошувачка и инфраструктурните инвестиции. Главен двигател, сметаат од Светска банка остана потрошувачката, поддржана од вработувањата и повисоките јавни плати и трансфери.
– Проекциите ни се усогласени со оние на Министеството за финансии и Народната банка дека растот за годинава ќе се намали до околу два процента. Тоа се уште е ниво на раст кој е за респект во Европа, а изгледите се позитивни особено по разрешување на прашањето со изборите, рече директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантовели.
Тој додаде дека помалку ги загрижува намалувањето на растот во споредба со изостанувањето на странските инвестиции во последниот период како двигател на растот и негово главно поттикнување на потрошувачката. Тоа, како што рече, е добро за еден период, но на економијата и се потребни поширок пазар и инвестиции. Тоа е едната забелешка, а другата е фискалниот дефицит кој и натаму расте и кое има импликации врз јавниот долг.
– Ние сме застапници кога една мала економија кога се задолжува тогаш тие средства што е можно попродуктивно да ги вложува. Нема ништо лошо со задолжувањето, туку она што е битно како ќе се користат овие средства, посочи Мантовели.
Во иднина изгледите, според него, се релативно позитивни со тоа што треба да се посвети внимание на овие елементи и на разрешување на политичката криза што ќе доведе до политичка стабилност.
Главни пораки за Македонија во извештајот се дека инвестициите беа погодени од политичката криза и растот значително забави. Главен двигател на растот остана финалната потрошувачка поткрепена од подобрувањето на пазарот на труд и повисоките плати и трансфери од јавниот сектор. Невработеноста породолжи да се намалува, главно движена од фискално-поддржани новокреирани работни места и намалување на стапката на активност на ниво од 2012 година, што според Бојан Шимбов економист во Светска банка, може да покажува дека некои кои бараат работа веќе се откажале да го прават тоа или има иселување од земјата.
Светска банка оцебува и дека фискалните притисоци се зголемени со оглед дека консолидацијата уште еднаш изостанала, резултирајќи зголемен јавен долг. Шимбов посочи дека првпат по шест години во Македонија инвестициите имаат негативен придонес на растот, кој е движен најмногу од градежништвото водено од јавните инвестиции.
Во однос на невработеноста посочи дека таа е намалена, како и во другите земји во регионот, но оти 89 проценти од сите нови работи места се со фискален стимул што прави на среден рок притисок и на пензискиот фонд.
Посочи на изостанување на фискална консолидација и оти дефицитот е зголемен од 3,2 на 4,1 отсто од БДП преку зголемени плати, пензии и социјални бенефици, како и трошења за справување со поплавите.
Светска банка не очекува забавување на јавниот долг, кој во 2016 година се зголемил како резултат на зголеменито дефицит и државните гаранции. Во извештајот се наведува дека главни ризици за Македонија се нерешавање на политичките превирања, високото ниво на фискален дефицит, слабости во менаџментот со јавните финансии и ефикасноста на трошењето, зголемениот јавен долг и стагнација во структурните реформи.
Според Светската банка, најголем раст годинава ќе има Косово 3,6 проценти, Албанија и Црна Гора 3,2, БиХ 2,8 и Србија 2,5.За следната година се предвидува раст од 3,9 проценти во Косово, 3,6 во Црна Гора, 3,5 во Албанија, 3,2 во БиХ и 2,8 проценти во Србија.
Во регинот се предвидува рстот за годинава да изнесува 2,7 а следната година 3,2 проценти.