СДСМ достави предлог за распуштање на Собранието

– Како дел од политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, ние пратениците сме должни да покажеме дека остануваме на договорените позиции што се во интерес на разрешување на политичката криза и овозможување достинствен живот за граѓаните на Република Македонија. Секој обид за одлагање на распуштањето на Собранието од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе биде доказ плус дека власта на Груевски сака да избега од избори на 11 декември, изјави во Собранието координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.

Пратениците од опозицијата бараат да се свика итна седница бидејќи, како што наведе Сугарески, веќе почнале законските рокови за распишување на избори.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ во Собранието на Република Македонија да достави предлог за негово распуштање.

– Поттикнати од вчерашниот собир во организација на СДСМ/Сорос, од нивната празна реторика која ја слушаме десет години наназад, како и од желбата на огромното мнозинство на граѓани кризата наметната од СДСМ да заврши и да се стави крај на политичкото заложништво, конфликтите и деструктивноста, го повикуваме СДСМ уште денес да достави барање до Собранието на Република Македонија за негово распуштање. Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме Претседателот на Собранието Трајко Вељановски да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена, наведе во соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

Предлог-одлука со која се бара денеска да се распушти Парламентот, поднесе и Демократскиот сојуз. Со тоа, според ДС, дека ќе се создадат уставни можности, изборите да се одржат на 11 декември годинава.