СДСМ ќе ја прифати Резолуцијата која до Собранието ќе ја испрати ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката СДСМ ќе ја прифати Резолуцијата која до Собранието ќе ја испрати опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов на прес-конференција во партиското седиште рече дека македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државата.

„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите. И на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на Парламентот ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме Резолуцијата, таква – каква што е, каква што всушност и видовме од медиумите, зашто официјален предлог до нас како пратеници нема. Согласно Уставот ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати Резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите“, рече Костадинов.