СДСМ го повикува новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да ги напушти „политиките на поделби“

По конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и изборот на нов претседател на партијата, граѓаните и целата домашна јавност очекуваат новото раководство на опозициската партија да ги напушти досегашните политки на поделби, деструкции, лажни вести, блокади и сеење омраза и да даде конструктивен придонес во спроведувањето на зацртаните реформи, се наведува во соопшението од неделата на владејачката СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред граѓаните и интересите на државата и конструктивно да се вклучи во процесите што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, слобода, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО како врвен државен и национален интерес“, велат социјалдемократите.

Според нив, „новото време на соработка, пријателство, напредок и заедништво“ ги отвора перспективите на земјата,  како „демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви спрема правата, обврските и законите“.