СДСМ и ДУИ се договараат за Законот за попис

Законот за попис е во Владата и во моментот тече усогласувањето меѓу коалициските партнери, информираа денеска владините портпароли Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа.

„Најверојатно на следната владина седница ќе се најде на дневен ред“, истакнаа портпаролите за време на денешната редовна прес-конференција во Владата.

Вчера коалиционите партнери соопштија дека ги усогласиле ставовите за новиот закон за СЈО, според кој „бомбите“ како доказ нема да може да се користат во постапките на СЈО отворени после истекот на рокот кој Специјалното обвинителство го имаше според Пржинскиот договор, за што неодамна се изјасни и Врховниот суд.

Меѓу овие предмети во кои нема да се користат т.н. бомби е и предметот „Пациент“ во кој осомничен е вице-премиерот Бујар Османи од ДУИ.

Претходно, СДСМ и ДУИ ги усогласија ставовите и за консензуален кандидат за Претседател на Република Македонија, на што претходеше период во кој ДУИ најавуваше дека е можно и самата да настапи со свој кандидат. Но, и за ова прашање беше постигнат договор со што се спречи раситнување на гласовите на коалицијата, односно помалку гласови во првиот круг за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски. Инаку, доколку не се усогласеле ставовите, ДУИ најверојатно ќе го понудела Талат Џафери како кандидат, соопшти синоќа потпретседателот на партијата Изет Меџити.