![sdsm](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/sdsm-stab-6-Custom-750x430.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Граѓаните ја казнуваат ВМРО-ДПМНЕ затоа не им се приклучуваат на протестите, а кога тие зборуваат за мафија веројатно мислат на себе, велат од СДСМ како реакција на прес-конференцијата на генсекот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Јанушев најави дека утре во 14 часот ќе го блокираат сообраќајот кај Регулаторна комисија за енергетика поради поскапувањето на струјата.
Од владејачката СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ не може да помири со тоа што граѓаните веќе не им веруваат на нивните лаги и лицемерие и затоа упорно продолжуваат со деструктивното и неодговорно дејствување.
„Ниедна лажна вест, ниеден таканаречен протест, не го сокрива фактот дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поскапи струјата за 100 отсто, ниту фактот дека ВМРО-ДПМНЕ всушност се финансирала од поскапата струја што ја плаќаа граѓаните и стопанството. Поранешен директор на АД ЕЛЕМ во судско сведочење јавно кажа како носел пратки кај тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски и како Божиновски му се јавувал да ургира компании кои добиле тендери од тогашното АД ЕЛЕМ, да и помогнат на партијата ВМРО-ДПМНЕ“, реагираат од СДСМ.
Додаваат дека граѓаните ја казнуваат ВМРО-ДПМНЕ на три последователни избори и затоа не се приклучуваат на протестите на Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ не знае за ништо друго освен да брани криминал и да шири лажни вести. И самиот Игор Јанушев за кој има предмет, за злоупотреба на службена положба каде се сомнева дека го оштетил буџетот за 5 милиони евра, очигледно кога вели мафија мисли на себе и ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.