Една од забелешките на опозицијата во минатиот период во однос на состојбата со медиумите во државата беше насочена токму кон владините реклами и промоцијата на проектите на владата.
Во јули годинава во рамки на дебатата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски соопшти дека Владата на Република Македонија, како гест на добра волја, донела одлука времено да се воспостави мораториум на сите комерцијални промоции.
Имено, претходно, опозиционерите тврдеа дека медиумите што според нив се провладини инкасираат милионски суми евра, пари од граѓаните, за ширење владина пропаганда. Според опозиционерите, Владата ги корумпирала медиумите токму преку скапите реклами.
Во изминативе четири месеци, по одлуката за мораториум, владата престана да ги рекламира сопствените проекти, но тоа неможе да се каже и за општините каде што опозицијата е на власт.
На информативните портали, кои важат за главни поддржувачи на политиките на опозицијата не престанаа да се објавуваат реклами на трите поголеми општини, Центар, Струмица, Куманово, каде локалната власт е предводена од опозицијата.
Оттука, ако се водиме според нивната логика, само по себе се наметнува прашањето: Дали ова е начинот на кој СДСМ и нивните партнери во коалицијата ги корумпираат медиумите?
Значи дали кога се работи за реклами на владата тогаш станува збор за корупција, влијанија и цензура во медиумите, а кога тоа го прави опозицијата тогаш е сосема оправдано и обичен маркетинг?!
Реклама за детската градинка „Кочо Рацин“, што неодамна беше реконструирана од страна на Општина Центар има речиси на сите про – опозициски портали и медиуми. Како што може да се забележи на фотографиите, ваква реклама има на НОВА ТВ, Плус Инфо, А1 Он, Либертас, 24 вести, Фокус, Народен Глас, Центар Њуз итн.
Одговор на овие прашања побаравме и од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, но ни беше кажано дека тој е на пат и дека нема да биде во можност да одговори до вторник.
Стапивме во контакт и со општина Струмица и општина Куманово, но досега не добивме одговор на поставените прашања.
Она што е карактеристично за сите овие информативни портали, освен тоа што отворено ги поддржуваат политиките на опозицијата, е и тоа што, како што може да се забележи и од фотографиите, секаде се застапени рекламите за проектите на Општина Центар.
Општина Струмица и општинските претпријатија како што е Јавното Претпријатие „Паркиралишта Струмица“ се рекламираат на порталот Струмица Нет, како и на порталот на националната радио мрежа Канал 77.
Реклама на Општина Куманово има и на двата локални портали Куманово Њуз и Кумановски Муабети, како и на веб страната на Канал 77.