СДСМ најавува 16,5 милиони евра од ИПАРД 2 програмата; ВМРО-ДПМНЕ земјоделството е во предпочетна фаза, како во 19 век со СДСМ

Како политичка партија чија програмска определба беше подобрување на квалитетот  на живот во руралните средини и зголемувањето на економската активност, продолжуваме со отворање на нови перспективи и услови за инвестиции во земјоделството.

Од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој објавен е јавен повик за мерката 7 – Диверзификација на фарми и развој на мали бизнис од ИПАРД 2 програмата кој ќе биде отворен до 18-ти ноември, рече на прес-конференција Никица Бачовски, член на Комисијата за земјоделие и рурален развој на СДСМ.

16.5 милиони евра ќе бидат ставени на располагање на земјоделците, преработувачите, занаетчиите, трговците,  угостителите и други физички и правни лица чии инвестиции се насочени во руралните средини.

Со оваа финансиска инекција, имплементирана преку министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Платежната агенција, а поддржана од Европската Унија, ќе се изврши поврат од 65% на сите прифатливи инвестиции за преработка на прехрамбени и непрехранбени производи, на инвестициите во развој на занетчиските производи , инвестициите во услуги за руралното население и инвестициите во промоција на руралниот туризам.

Со имплементацијата на оваа мерка, во македонските села и рурални општини ќе никнат нови производствени капацитети, занаетчиски работилници,  приватни градинки и домови за стари лица, ветеринарни станици, сместувачки , угостителски објекти за гастро – туризам и информатички и спортско – рекреативни центри.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со прес-конференцијата на Бачовски се вели Зоран Заев првин го уништил земјоделството, па сега со половични мерки ги залажува земјоделците.

„Нивите се се попразни, во селата не останаа луѓе, кои би можеле да бидат корисници на мерката која ја промовира СДСМ.

Најзначајна работа во земјоделието е проблемот со пласманот, кој СДСМ не го реши и дополнително комплицираше на тоа поле. Заев ветуваше сигурен откуп и високи откупни цени. Три години потоа, цените се пониски од што беа.

Кога земјоделците неможат да го продадат тоа што го произвеле, ниту една друга мерка не може да им го компензира трошокот. Власта треба да разбере земјоделците работат за да заработат и исхранат семејства, тоа во овие услови не е можно. Земјоделството со СДСМ е во предпочетна фаза, како во 19 век.

Потребни се систематски мерки, но тоа со СДСМ не е можно. СДСМ мора да си замине. Време е за предвремени парламентарни избори и победа на ВМРО-ДПМНЕ. Време е за обнова на Македонија“,сметаат од ВМРО-ДПМНЕ..