Најголемата опозициска партија СДСМ денеска симболично одбележа една година од настаните пред и во Собранието на 24-ти декември 2012 година.
Раководството и пратениците на СДСМ беа облечени во маички со прекртан збор режим и слобода. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека пред една година власта „со примена на бруталност и насилств“ воспоставила „режимско владеење во Македонија“.
„Легитимно избраните пратеници на опозицијата што го претставуваат гласот на речиси 400.000-тини илјади граѓани во Собранието на Република Македонија беа прегазени на своите работни места од партиско – полициските кордони на власта. Народни пратеници беа навредувани, влечени, малтретирани, тепани за на крај крвнички да бидат исфрлени од собраниската сала.Воедно, за прв пат во историјата на новинарската професија новинарите во Македонија беа отстранети од собраниската сала. Од своите работни места. На ист, вандалски начин како и пратениците. Власта покажа дека не поднесува сведоци и сведоштва за теророт.На тој мачен и мрачен 24-ти Декември, владејачкото мнозинство го суспендира Уставот, законите, институциите. Од храм на демократијата, парламентот го претвори во срам на македонската држава“, истакна Заев во обраќањето пред Собранието.
Според Заев, и една година по случувањата системот на владеење на ВМРО ДПМНЕ е пред колапс.
Претседателот на СДСМ порача дека 24 декември 2012 година не смее да се заборави и оти нема да се дозволи да се повтори. Кога СДСМ ќе дојде на власт, според Заев, ќе ја мотивира и поттикнува слободата на мислата, говорот и делувањето, а никогаш повеќе во Македонија нема да биде донесене буџет на нелегитимен начин.