Се бара 15 години затвор за основачката на „Theranos“

Обвинителството побара 15 години затвор за Елизабет Ен Холмс, некогашна ѕвезда на ткн Силициумска долина, а нејзината одбрана максимална казна од година ипол, се наведува во документите кои во петокот вечерта по американско време биле пратени во судот.

На основачката на „Theranos“, развојна компанија којашто ветуваше дека ќе направи револуција во крвните испитувања, казната ќе ѝ биде изречена следната седмица на сојузниот суд во државата Калифорнија. Холмс во јануари беше прогласена виновна за измама по судењето кое предизвика големо внимание во американската јавност.

Елизабет Холмс „заслепена од амбицијата (,,,) проневерила стотици милиони долари на неколку десетици инвеститори“ и „ги довела пациентите во опасност“, навела обвинителката Стефани Хиндс, велејќи за пропаднатата претприемачка дека е неодговорна.

„Холмс не е опасна, не извлекла материјална полза од овој случај и не заслужува казна поголема од година ипол затвор за неуспехот во својот амбициозен проект“, возвраќаат нејзините адвокати.

Елизабет Холмс во 2003 година го основаше „Theranos“, на само 19-годишна возраст, ветувајќи дека ќе создаде технологија којашто ќе ги поедностави испитувањата на крвта и ќе ги направи поевтини.

Во следните неколку години благодарејќи на добро смислена приказна и уверливи настапи успеала да ја здобие довербата и пари од големи инвеститори, привлечени од претприемништвото на младата жена, ретка во машкиот свет на калифорниските инженери.

Кога компанијата беше на врвот, нејзината вредност беше проценета на речиси 10 милијарди долари, а личното богатство на Холмс, мнозинската акционерка, на 3,6 милијарди долари, според магазинот Forbes.

Како дете Холмс се плашела од инјекции и вадење крв. Поради тоа измислила едноставен, брз и ефикасен уред кој ќе може да изврши стотици крвни испитувања со само една капка крв која би се земала од прстот. Но во 2015 година весникот The Wall Street Journal ја откри измамата: фамозниот уред кој компанијата „Theranos“ го вети никогаш не функционирал.