Околу 100 илјади тони храна се фрлаат годишно во земјава, во услови кога околу 450 илјади граѓани, според статистичките податоци, се сиромашни. Во овие 100 илјади влегува храната што се фрла од домаќинствата, компаниите, рестораните, но и вишоците од земјоделското производство. Државата, заедно со граѓанските организации, прави обиди да се ублажи овој проблем преку воспоставување можности за донирање на храната, но и нејзина дистрибуција до оние на кои им е најпотребно. Граѓанскиот сектор вели дека ова се почетоци, но оти е добро од некаде да се почне, а потоа тој систем да се надградува. Со добри програми и систем, сметаат, најмалку 10 илјади тони од оваа храна може да се искористат.
– Досега не се извршени прецизни мерења, но наши проценки се дека дефинитивно се фрлаат над 100.000 тони храна годишно, која е со добар квалитет. Оваа бројка е пред сè поради вишоците што се јавуваат од земјоделското производство и секоја година има проблем со некој од тие производи – овошје, зеленчук… На пример, минатата година се фрлија 50.000 тони јаболка, така што ако ова се додаде на бројката која вели дека се фрла од 12 до 20.000 тони од домаќинства, плус се фрла храна од ресторани, компании, плус другите видови зеленчуци и овошје, така што нашите проценки се дека станува збор за 100.000 тони храна што се фрла. Мислам дека реално со добра работа, програми што државата може да ги дизајнира за искористување на овие вишоци можат да се користат претпоставувам и до десет илјади тони од оваа храна, вели Блаже Јосифовски од „Сите сити“.
За тоа да се реализира, додава тој, потребни се повеќе видови програми што би ги поддржале социјално загрозените граѓани. Изработката на законско решение за донирање вишоци храна, смета тој, е добар почеток, но оти е неоходно и воспоставување систем како таа да стаса до оние на кои им е најпотребна.
– Законот е добар почеток и основа за тоа што понатаму треба да се гради. Би кажал дека и со овој закон беше направен одреден компромис. Тој би можел да биде и поамбициозен и попрогресивен, но факт е дека кај нас сè уште не е созреана свеста, а нема ни доволно капацитети за да се направи понапреден закон. Така што некако ја прифативме реалноста да одиме со еден закон што нема да биде пречка, а ќе биде една основа за да се направи, односно одреди кои се вклучените страни во донирањето вишоци храна, каков вид храна може да се донира, со кои процедури би се одело за даночно ослободување на компаниите. Тоа значи дека овој закон предивидува таков вид мерки што мислам дека се во ред за почеток, но државата може и мора да направи поамбициозен план и мерки и искрено се надеваме дека тоа ќе се случи, вели Јосифовски.
Според него, потребни се повеќе години за да се собере поголемо искуство, да се изградат капацитети, бидејќи, како што вели, ние немаме капацитети како поразвиените земји ниту, пак, ресурси со кои располагаат. Освен недостиг на капацитети во справување со фрлањето вишоци храна, потенцира Јосифовски, државата се соочува и со недостиг на мрежа преку која донираната храна би стасала до оние на коишто им е потребна.
– Со решението што ние како „Сите сити“ го направивме покажавме дека имаме голем потенцијал. Сè уште трае пилотирањето преку кое треба да добиеме дополнителни информации колку би чинело каква храна би можело да произведува еден ваков систем, кој сè би можело да биде опфатен и на кој начин. Во ноември ова треба да заврши, а потоа во рок од неколку месеци треба да направиме предлог-план за иден развој за едно вакво решение што е потребно да се направи за да се искористат вишоците храна, но и да се стигне до што повеќе граѓани, како и да се понуди што повисока нутритивна вредност на оброците што ќе ги добиваат, вели Јосифовски.
Според него, неопходно е и да се направат реформи во народните кујни како едно од решенијата да се обезбеди храна за сиромашните граѓани.
– Министерството за труд и социјална политика има желба да направи одредени реформи на оваа програма така што ќе бидат вклучени повеќе социјално загрозени граѓани, да понуди подобри оброци со повисока нутритивна вредност, но и да ги подобри условите, бидејќи последниве години се покажаа недостатоци во смисла дека корисниците мора да патуваат повеќе километри за да земат еден или два оброка, што не секогаш е исплатливо за нив. Тие некогаш немаат ниту средства да стигнат до кујните. Сега со овие кујни се опфаќаат помал број категории, односно тоа се лица кои немаат, на пример, здравствени проблеми или пречки во мобилноста. Тоа треба да се промени бидејќи овие лица, како и стари изнемоштени граѓани кои се во социјален ризик имаат ограничен пристап до овие кујни, а со тоа и до храната, потенцира тој.
Идејата е понатаму да се изготват препораки и план како може да изгледа овој систем и вишоците храна да се вклучат во него.
– Тоа може да помогне во намалувањето на трошоците за одржување, во зголемување на опфатот на корисници и подобрување на нутритивната вредност на оброците. Со парите што би се заштедиле ќе се подобрат услугите кои ги добиват граѓаните, бидејќи на ваков начин одреден број граѓани на кои им е потребно ќе може да добиват услуги дома, односно храната да ја добиваат дома. Една од работите што сега ние ја пилотираме, имаме група волонтери кои со подготвени оброци одат директно до домот на корисникот двапати неделно. Таква некоја услуга понатаму би можела да им се дава на граѓаните преку некој воспоставен систем. Исто така, има граѓани кои имаат просторни услови каде да си ја зготват храната, така што ним би им се дистрибуирале месечни пакети со продукти, бидејќи нема потреба да добиваат оброци, вели Јосифовски и додава дека треба да се развие систем за различни видови услуги за поголем број граѓани.
За искористување на вишоците земјоделски производи, според Јосифовски, има повеќе модели. Еден од нив може да биде преку организирање настани во кои би се вклучиле поголемите компании, кои ќе ги преработуваат или подготвуваат јадења од нив. Дел би можеле да бидат дистрибуирани до граѓаните, а дел продавани. Средствата од нив би се користеле за дистрибуција на друга храна до граѓаните на кои им е потребна. Ова, според Јосифовски, е еден од начините преку кој може да се помогне во спасување барем мал дел од вишоците земјоделски производи.
Новиот закон би го регулирал и поддржал донирањето на големите количества храна што доаѓаат од процесите на производство, нејзино чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите… Домаќинствата нема да бидат засегнати од новиот закон за донирање на вишокот храна, кој треба да биде донесен првпат. Тој, според граѓанските организации, ќе ги опфаќа само правните лица, кои храната ќе можат да ја донираат директно до крајните корисници, на пример, до социјално загрозени граѓани или, пак, до граѓански организации, кои потоа ќе ја редистрибуираат донираната храна. Новото законско решение го подготвува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Минатиот месец Владата ја усвои информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот храна и ги задолжи МЗШВ и Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена да го подготват и да го достават до неа.
Официјалните статистички податоци во Македонија велат дека расте бројот на луѓе кои живеат под прагот на сиромаштијата. Според Државниот завод за статистика, Лаекенски индикатори за сиромаштијата во 2017 година стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 22,2 отсто, што покажува одредено зголемување споредено со 2016 година, кога стапката на сиромаштија изнесувала 21,9 отсто.