Пред распуштањето на Собранието власта во битка да обезбеди мнозинство за изгласување на предлог законот за јавно обвинителство онака како што е предложен од Министерството за правда. Во ВМРО ДПМНЕ бараат во преговорите да се вклучат и експерти и претставници на меѓународната заедница.
Во собранието попладнево министерката за правда, Рената Дескоска закажа средби со сите пратенички групи кои ќе почнат со разговори со работната група на ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вели на ваков форма на средби се одлучиле откако вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги изнесе забелешки за предложениот текст. Мицкоски порача дека предлогот е неприфатлив и порача дека нема да прави компромиси.
„Ги повикувам сите политички субјекти, сите политички партии, сите пратенички групи и претставници на независните пратенички групи да преземат одговорност и да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на нашата земја. Особено, ја повикувам опозицијата да се надмине себеси и со прифаќање на законското решение за јавното обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото“, вели Заев.
Но, од ВМРО ДПМНЕ велат се прави обид за носење на противуставен закон и нема да овозможи контролирано обвинителство со цел Заев да не одговара за сомнежите на криминал и воспоставениот хибриден режим. Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев побара во преговорите да се вклучат и експерти и претставници на меѓународната заедница.
„Како ќе се одвиваат преговорите не можам да кажам однапред. Она што можам да го кажам е дека преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во преговорите исклучиво ако биде повикана и стручната јавност, но и претставниците на релевантниот меѓународен фактор. Токму оние на кои се повикува Заев бидејќи со ова што сега го предлагаа единствено што сакаат да постигнат тој и СДСМ е амнестија за сите криминали“, вели Јанушев.
Еврокомесарот Оливер Вархељи при посетата минатата недела порача дека би било добро законот за јавно обвинителство да се донесе пред распуштањето на Собранието.