Се излеа Селска река во кривопаланечко и поплави земјоделски поседи

Невремето со пороен дожд, силен ветер и грмотевици што вчера во попладневните часови ја зафати општина Крива Паланка предизвика излевање на Селска река и поплавување на земјоделски поседи.

Од удар на гром запалени се плевна и куќа во Крива Паланка, а пожарникарите работеа на локализација на пожарите.

Градоначалникот Сашко Митовски вчера информираше дека се работи на санација на последиците од невремето.

-На терен сум заедно со службите на јавното претпријатие „Комуналец” и општинските служби. Се справуваме со последиците од невремето кое траеше повеќе часови откако попладнево ја зафати нашата Крива Паланка. Се излеа Селска Река во Конопница, поплавени се приватни поседи на граѓаните. Заедно сме меѓу нашите сограѓани, се работи на санација на штетите. Во меѓувреме, Територијалната противпожарна единица интервенира на двата пожари предизвикани од гром, информира Митовски.