На денешната прес-конференција што ја одржа заедно со скопскиот муфтија Кенан Исмаили, директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз ја информираше јавноста дека во пресрет на најголемиот муслимански празник-Рамазан Бајрам, Претпријатието спроведува активности за миење на дворовите и непосредната околина на исламските верски објекти што во овој период ги посетуваат голем број на верници.
„Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија миење на дворовите на џамиите на Мурат Паша во Старата скопска чаршија и Јахја паша во Чаир, џамијата Иса Бег на Бит Пазар, џамијата Хусеин Шах во Сарај и др. Воедно, се изврши и рачно и машинско миење на целокупниот простор на Старата скопска чаршија, како и на главните и споредните улици во општините Чаир, Шуто Оризари, Гази Баба и Сарај. И во иднина, наш приоритет ќе претставува одржувањето на највисокото можно ниво на хигиената и чистотата на непосредната околина на храмовите на сите верски заедници, со крајна цел – максимална заштита на јавното здравје“, изјави Енуз, кој ја информираше јавноста дека априлската плата за вработените во ЈП Комунална хигиена-Скопје беше исплатена во текот на вчерашниот ден – пред истекот на месецот, со цел на секој работник да му се овозможи достојно да го пречека овој најзначаен муслимански празник.
Директорот Енуз му се заблагодари на скопскиот муфтија Кенан Исмаили за донацијата од страна на скопското муфтиство при ИВЗ кое донираше 64 пакети со храна наменети за вработените во Претпријатието што спаѓаат во категоријата на социјално загрозени лица.