![vlada-na-r.m-640x294](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/09/vlada-na-r.m-640x294.jpg?resize=640%2C294&ssl=1)
ВMРО ДПМНЕ и ДУИ се очекува до крајот на оваа недела да седнат на преговарачката маса во обид да се договорот за формирање на нова влада. Двете партии во јавноста веќе ги изнесоа своите ставови во однос на две прашања кои ДУИ ги постави како услови за формирање влада – употребата на албанскиот јазик и мандатот на Специјалното јавно обвинителство.
Политичките аналитичари ценат дека преговорите меѓу Никола Груевски, како мандат и Али Ахмети ќе вродат со формирање на влада пред истекот на рокот – 29-ти јануари.
Универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска верува дека двете страни ќе најдат модел за да се договорат за прашањата кои во овој момент се чинат како пречка за договор.
„Ако внимателно се чита последното соопштение издадено од Централното претседателство на ДУИ, оваа партија како услови кои не можат да бидат предмет на преговарање ги наведува: рамноправната употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во ЕУ, и продолжување на мандатот на СЈО. Во соопштението ДУИ вели „рамноправна употреба на службениот албански јазик“, но никаде не е спомната децидно задолжителната промена на Уставот и официјализирањето на албанскиот јазик како службен јазик на цела територија на државата. Ако правилно се чита овој услов на ДУИ, тогаш може да се констатира дека со евентуални корекции и надополнувања во одредени делови на постојниот Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа донесен во 2008 година, а кои промени ќе бидат во согласност со европските и со меѓународните стандарди за заштита на малцинските јазици, ДУИ ќе може да најде „најмал заеднички содржател“ со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ во делот на исполнувањето на ова барање“, вели професорката Каракамишева Јовановска.
Таа додава дека во однос на двете стратешки барања за членство на Македонија во НАТО и Европската унија нема да има потешкотии бидејќи за двете партии овие прашања се приоритет во рамки на нивтие програми и партиски заложби.
„Околу условот за продолжување на мандатот на СЈО и неговата непристрасност во работењето исто така мислам дека ќе се најде заедничко решение кое ќе оди во насока на постигнување договор за состав на нова влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, вели професорката.
И политичкиот аналитичар Александар Пандов верува дека двете партии ќе договорат за повторно да направат владина коалиција.
„Верувам дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе формираат нова Влада и дека ќе најдат модус да ги решат двете спорни прашања – употребата на албанскиот јазик и мандатот на Специјалното јавно обвинителство“, вели политчкиот аналитичар Александар Пандов.
Од ВМРО ДПМНЕ се децидни дека нема да отстапат од ставот дека се против промена на Уставот и продолжување на мандатот на СЈО.
СЈО е наменска институција, а во однос на барањата за уставни промени, немаме ниту потреба, ниту пак уставни можности да ја правиме државата бинационална, вели членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски во гостување на ТВ Нова.
„Добивме мандат по две основи. Првата беше платформата за економски развој, односно програмата „Реално“, додека вториот темел на нашиот предизборен настап беше зачувување на унитарна, кохезивна Македонија и како држава и како општетсво. Соодветно на тоа немаме ниту потреба, ниту луксуз, ниту пак уставни можности да ја правиме државата бинационална. Ние не сметаме дека доколку државата биде бинационална ќе биде поефикасна, поекономична и посплотена. Затоа од овие два принципи нема да отстапиме“, истакна Милошоски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој вчера имаше средба со амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер истакнал дека во партијата се разгледуваат сите опции.
„Ахмети продолжи со објаснување на опциите за кои во ДУИ се развива отворена и конструктивна дебата, тие вклучуваат коалиција со ВМРО, со СДСМ, широка владина коалиција, да останат во опозија како и повторување на изборите. Ахмети зборуваше и за широката основа на консултации која ја развива, не само како партија, земјата и регионот, но и во главните центри на поставување на ситуацијата во која се наоѓа земјата спроти потребата за формирање на влада, но и спроти геополитички случувања“, се вели во соопштението од ДУИ.
Законскиот рок за договор за нова владина коалиција и подготовка на програма за новата влада истекува на 29-ти јануари.