Се очекува повлекување на косовската полиција од Звечан

До 15 часот се очекува повлекување на специјалните единици на косовската полиција од општинската зграда, потврди членот на Привремената управа на општина Звечан, Драган Недељковиќ. Тој нагласува дека ова е резултат од синоќешните преговори со командантот на КФОР, кој, како што вели, им ги дал овие гаранции, но сѐ уште нема информации дали тоа е исполнето.

Во меѓувреме, агенцијата Танјуг јави дека двајцата Срби кои беа приведени за време на вчерашните судири од страна на косовската полиција и КФОР во Звечан, се ослободени.

Над десетина граѓани и околу 25 припадници на КФОР беа повредени вчера во судирите што се случија во доцните попладневни часови пред зградата на општина Звечан, кога насобраните Срби одбија да пропуштат три оклопни полициски возила, по неколкучасовни преговори и протести, барајќи  специјалните единици на косовската полиција да ги напуштат општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Косовската полиција синоќа презентираше долг список за што ги обвини демонстрантите. Таа ги обвини дека „ја провоцирале ситуацијата“, ја нападнале полицијата и КФОР, пишувале провокативни српски и руски симболи на возилата на полицијата и на КФОР, оштетиле гуми и возила, додека едно возило изгорело, како и дека пуштале сирени за тревога.

Косовската полиција во синоќешното соопштение тврди дека во врска со нападот на КФОР и на самата полиција се уапсени пет лица, потврдувајќи дека биле испукани молотови коктели, експлозивни направи и истрели.

Драган Недељковиќ, член на привремената управа на општина Звечан денеска изјави дека се уапсени четири лица.

Тој наведува дека синоќа имало преговори меѓу претставниците на Српската листа и командантот на КФОР, кој, според Недељковиќ, повторно дошол во Звечан и, според него, им потврдил дека овие лица ќе бидат ослободени.

„Околу 21 часот и 30 минути дојде командантот на КФОР и синоќа ни кажа дека овие четворица кои вчера беа приведени ќе бидат ослободени, но дека чекаат да стигнат документите од Приштина“, изјави Недељковиќ за медиумите пред општинската зграда во Звечан денеска.

Сепак, сѐ уште не знае дали овие лица се ослободени.

„Останавме до 22:30 часот, а потоа заминав, не знам дали се пуштени или не затоа што велат дека ќе бидат проверени, тоа се информациите што ги имам“, вели тој.

Недељковиќ тврди и дека командантот на КФОР им рекол дека до денеска до 15 часот специјалните единици на косовската полиција ќе се повлечат од општинската зграда.

Нѐ информираше и дека 50 отсто од специјалните единици кои се во општината ќе се повлечат во текот на ноќта, а до 15 часот денеска треба да се повлечат сите припадници на специјалните единици“, тврди Недељковиќ.

Тие денеска дојдоа пред општината, вели, да видат дали ќе се исполнат овие гаранции на командантот на КФОР.

„Денес дојдовме овде и чекаме да видиме дека тоа ќе се оствари, за да влеземе во нашата општина на нашите работни места и чекаме да се исполни тоа ветување“, вели тој.

Од друга страна, рече дека сѐ уште нема информации дали специјалните единици на косовската полиција ја напуштиле зградата и оти, нагласува, ќе чекаат до 15 часот.