Се очекува во наредните денови папата Франциск да биде отпуштен од болница

Се очекува во следните неколку дена папата Франциск да биде отпуштен од болница, а неговото опоравување се одвива нормално и без компликации, соопшти денеска прес-службата на Ватикан.

„Светиот Отец добро се одмори во текот на ноќта. Лекарскиот тим наведува дека неговото опоравување се одвива непречено без компликации и затоа планираат да го отпуштат во следните неколку дена“, изјави портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.

Бруни додаде дека папата работел од неговата болничка соба, како и дека поминувал време во мала капела на 10-тиот кат кој е резервиран за папите.

Ватикан претходно ги откажа сите негови јавни и приватни аудиенции до 18 јуни.

Поглаварот на Римокатоличката црква минатата недела беше подложен на тричасовна операција на абдоминална хернија.